19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕксперименталната монетарна политика на Турција ја придвижи инфлацијата до 84 отсто

Експерименталната монетарна политика на Турција ја придвижи инфлацијата до 84 отсто

Инфлацијата во Турција се забрза минатиот месец на ниво кое последен пат беше забележано во средината на 1998-ма година, поттикната од експерименталните политики на централната банка кои ги избркаа странските инвеститори и ја ослабнаа лирата.

Потрошувачките цени се зголемија за 83,5 отсто на годишно ниво во септември, покажаа податоците објавени во понеделникот од турската агенција за статистика, во согласност со просечната прогноза во истражувањето на „Bloomberg“. Месечната инфлација забрза на 3,1%, нешто помалку од очекуваното во посебна анкета.

Забрзувањето следи по серијата намалувања на каматните стапки оваа година од страна на гувернерот на централната банка Сахап Чавчиоглу, кои се закануваат да извршат дополнителен притисок врз инфлацијата. Изненадната промена во политиката ја направи Турција исклучок меѓу светските централни банки, од кои повеќето агресивно ги заоструваат мерките за спречување на растот на цените.

Во својата најнова прогноза од јули, турската централна банка рече дека инфлацијата ќе достигне врв помеѓу 80% и 90% до октомври. Владата верува дека ќе забави до 65 отсто на крајот на оваа година.

Но, претседателот Реџеп Таип Ердоган се залага за уште пониски каматни стапки, велејќи дека тие ќе помогнат да се намали инфлацијата. Ова е аргумент кој е во спротивност со општоприфатената економска теорија – и кој досега не е потврден од реалното искуство, особено во Турција.

Ердоган повика на намалување на референтната каматна стапка од сегашните 12 отсто на под 10 отсто до крајот на годината.

Турските власти ги отфрлија критиките дека неконтролираното зголемување на цените е резултат на грешки во монетарната политика, наместо тоа, обвинувајќи ја руската инвазија на Украина за глобалниот раст на цените на суровините, вклучително и енергијата и храната. Сепак, дури и без влијанието на овие нестабилни артикли, годишната турска инфлација минатиот месец изнесуваше 68,1%.

Експерименталната политика веќе предизвика зголемување на инфлацијата над 100% во некои делови од земјата. Потрошувачките цени во Истанбул, најнаселениот град во Турција, се зголемија повеќе од двојно во однос на претходната година, според индексот на малопродажните цени објавен во саботата.

Прегледот на податоците од Истанбул покажува дека трошењето за сѐ, од кирија до храна драстично се зголемило минатиот месец. Во обид да ги олесни маките на Турците со пониски примања пред изборите закажани за јуни следната година, владата ја зголеми националната минимална плата двапати годишно.

Централната банка ќе го одржи својот следен состанок за утврдување на стапката на 20-ти октомври и ќе го објави четвртиот извештај за инфлацијата за годината една недела подоцна.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП