27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПред банкрот 16.000 германски компании: Експлозивните трошоци за енергија го запираат производството

Пред банкрот 16.000 германски компании: Експлозивните трошоци за енергија го запираат производството

Над 15.000 германски продавници се соочуваат со банкрот поради зголемените трошоци за енергија.

Ова го објави Spiegel, повикувајќи се на Германското здружение за малопродажба (HDE).

Според извештајот, HDE му напиша писмо на вице-канцеларот и министер за економија Роберт Хабек, предупредувајќи дека „експлозивните трошоци за енергија“ го оневозможуваат сè поголемиот број трговци на мало да врзат крај со крај.

Здружението ја нарече ситуацијата „егзистенцијална закана“ и рече дека околу 16.000 компании би можеле да банкротираат оваа година, додека „негативниот тренд“ најверојатно ќе продолжи до 2023 година, пренесува RT.

Здружението соопшти дека зголемувањето на трошоците за енергија, кои од почетокот на годинава пораснале во просек за 147 отсто, ги спречува трговците да остварат профит. Уделот на трошоците за електрична енергија во обемот на продажба за трговците на мало веќе достигна речиси три проценти во просек, а многумина во индустријата очекуваат таа бројка да се зголеми на дури пет проценти во 2023 година.

Според претседателот на HDE Јозеф Санктјохансер и генералниот директор Стефан Гент, приносите постигнати во многу малопродажни сектори се веќе екстремно ниски денес. Кај облеката оперативната добивка како процент од продажбата изнесува 2,1 отсто, додека кај обувките моментално е негативна и изнесува -1,2 отсто. Дури и во прехранбениот сегмент е само два до четири проценти.

Ваквата состојба може да доведе многу компании во „неповолна положба“, предупредија од HDE.

Со оглед на остриот пад на куповната моќ на приватните домаќинства и рекордно високата инфлација, веројатно нема да може да се префрлат зголемените трошоци за енергија на потрошувачите, велат тие. Затоа здружението го повика Берлин да интервенира со привремено ограничување на тарифите и намалување на даноците за електрична енергија на минимум.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП