19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСЛОВАЧКА СО ЗАКАНА ДО ЕУ: Или финансиска помош или нема струја

СЛОВАЧКА СО ЗАКАНА ДО ЕУ: Или финансиска помош или нема струја

Словачка би можела да ја прекине испораката на електрична енергија во другите земји од Европската унија, доколку не добие дополнителна помош за справување со поскапувањето на енергенсите, предупреди премиерот Едуард Хегер, оценувајќи дека мерките што досега ги договори блокот не одат доволно далеку.

Министрите за енергетика на ЕУ на последниот состанок го одобрија пакетот мерки што вклучува: давачка за дополнителниот профит на компаниите од секторот фосилни горива што тие го остваруваат оваа или следната година, потоа давачка за вишокот приход кој производители на евтина електричната енергија го добиваат од поскапувањето на струјата и задолжително намалување на потрошувачката на електрична енергија за 5 отсто во периодот кога цените се на својот врв.

Словачкиот премиер, сепак, рече дека нема договор за распределба на приходите остварени од споменатите давачки на ниво на ЕУ, иако за тоа постои одредба на билатерална основа.

Хегер изјави дека тоа е проблем за Словачка, бидејќи нејзиниот главен производител однапред продавал струја за следната година по цени значително пониски од сегашните, па словачките дистрибутери и корисници сега мора да купуваат струја по повеќекратно повисока цена.

„Словачка нема да собере доволно приходи од одобрениот пакет. Овие мерки никако не ни помагаат во борбата против енергетската криза, најголема од Втората светска војна“, рече тој на прес-конференцијата.

Премиерот додаде дека Словачка јасно кажала дека ако сакаат решение кое ќе биде ефективно во цела ЕУ, тогаш тоа треба да биде оданочување на непропорционалните профити на паневропско ниво, а потоа средствата собрани на овој начин ќе се прераспределат на поединечна земја-членка според нивото на нивната потрошувачка.

„Ако не ни помогнете финансиски, нема да дозволиме (економски) колапс, затоа имаме план Б – струјата произведена во Словачка нема да оди во земјите што ја купиле однапред, туку ќе ја дадеме на нашите граѓаните, нашите компании“, рече Хегер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП