сабота, 4 февруари 2023
ПочетнаЕКОНОМИЈАМицкоски нуди план за справување со енергетската криза: Двојно поевтина струја и...

Мицкоски нуди план за справување со енергетската криза: Двојно поевтина струја и спречување на инфлацијата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со тимот, претставници на највисокото раководство на партијата вклучително и голем дел од градоначалници имаше состанок со раководството на Сојузот на стопански комори на Македонија. Тие разговараа за актуелната состојба во државата и предизвиците со кои што се соочува бизнисот.

„Сите контакти кои што ги имаме на располагање, кои што се последица на нашиот животен пат, успеваме да ги исконтактираме изминатиот период и ги ставаме на располагање на бизнисот, а се со цел да помогнеме да најмалку 650.000 наши сограѓани кои што работат во приватниот сектор ги задржат своите работни места имајќи в предвид дека големи производствени капацитети своето производство го ставија во мирување и голем број наши сограѓани ги изгубија своите работни места. Меѓу поголемите тука би ги вбројал Фени комбинатот во Кавадарци, Бучим комбинатот во Радовиш, но и останати комбинати кои што значително учествуваат во зголемувањето на бруто домашниот производ на Македонија.

Ќе повторам ги ставаме на располагање на бизнис заедницата, а индиректно и на Владата во овие тешки времиња кога гледаме дека државата полека но сигурно влегува во амбис, на располагање сите наши контакти, да обезбедиме ресурси со кои што ќе произведеме електрична енергија, која што ќе биде најмалку двојно поевтина од таа која што е на референтната берза – HUPX. И истата да ја користи стопанството, а се со цел да спасиме стотици илјади работни места од губење, во периодот кој што следи. А, граѓаните кои што се корисници но и институциите кои што се корисници на централното затоплување во Градот Скопје да не добијат повисоки сметки за парно.

И вториот предлог кој што исто така јавно сакаме да го соопштиме е предлог закон со кој што ќе бараме измена на Законот за енергетика, кој што ќе биде доставен до крајот на оваа недела или на почетокот на следната недела во собраниска процедура. Со кој што ќе побараме сите претпријатија кои што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството но исто така и објектите во образованието, објектите во јавното здравство да бидат вратени онаму каде што им е местото, на регулиран пазар. Зошто ова го велам? Затоа што доколку продолжат вака да функционираат овие три групи на субјекти тоа ќе значи дека сите оние претпријатија кои вршат јавна дејност, без разлика дали е комунална или водостопанска коишто ќе ги декларираат своите трошоци пред Регулаторната комисија за регулирање на цени за енергија и вода, по сила на правилникот ќе ги зголемат своите цени за најмалку два до три пати, а тој шок ќе го почувствуваат индустријата и граѓаните. Ќе предизвикаат дополнително губење на работни места и дополнително намалување на куповната моќ и стандардот на граѓаните.

Зошто велиме за училиштата, затоа што ние не сме децата да учат онлајн туку да бидат онаму каде што им е местото, во училишните клупи. На тој начин ќе го олесниме животот и на родителите, кои што денеска мака мачат доколку децата повторно учат онлајн наместо во училишни клупи да најдат кој да биде со нив додека го поминуваат времето во домовите.

И конечно третото, јавните здравствени установи кои тонат во долгови да им го олесниме начинот на функционирање, наместо профитите да завршуваат во компании кои препродаваат електрична енергија, да можат да се ослободат од тој притисок и тие средства да ги искористат за подобрување на здравствените услуги на пациентите и нега на пациентите“ рече Мицкоски.

Тоа се двете пораки кои Мицкоски денеска ги испрати до Владата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП