20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФунтата на рекордно ниско ниво, расте доларот во однос на кошничката на...

Фунтата на рекордно ниско ниво, расте доларот во однос на кошничката на валути

Фунтата падна на најниско ниво од 1985 година во однос на доларот во азиското тргување денес, бидејќи трговците набрзина ја отфрлија британската валута поради шпекулациите дека економскиот план на новата влада ќе ги оптоварува финансиите на Велика Британија до крајни граници.

Падот на фунтата му помогна на американскиот долар да го достигне новото 20-годишно ниво во однос на кошницата на големи ривали.

Фунтата потона за дури 4,9 отсто во текот на ноќта во Азија, на историски најниско ниво од 1,0327 долари пред да се смири на околу 1,05405 долари, што е за 2,9 отсто помалку од затворањето во петокот, пренесува Ројтерс.

Британската валута падна за 3,6 отсто во петокот, откако новиот министер за финансии Кваси Квартенг го претстави планот за историски намалувања на даноците што ќе се финансираат со зголемено задолжување на пазарот на долгови, најголемо од 1972 година.

Фунтата, според Ројтерс, е најновата жртва на турбуленциите кои ги зафатија финансиските пазари во последно време поради зголемувањето на глобалните геополитички тензии.

Еврото, исто така, го допре новото најниско ниво во однос на доларот во последните две децении поради стравувањата од рецесија, бидејќи енергетската криза се проширува како што се приближува зимата поради ескалацијата на војната во Украина и референдумот за анексија на Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје.

Освен тоа, на парламентарните избори во Италија, одржани викендов, победа извојува алијансата на лидерката на екстремната десница Џорџо Малони и нејзините евроскептични сојузници – Лига и Форца Италија – што се очекува да го промени односот на силите во Европа.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на доларот во однос на кошницата на главни валути, вклучувајќи ги фунтата, еврото и јенот, достигна 114,58 за прв пат од мај 2002 година.

Американската валута порасна во однос на јенот по минатонеделната ненадејна девизна интервенција на јапонските власти, бидејќи фокусот на инвеститорите се врати на острите разлики меѓу агресивната монетарна политика на Федералните резерви (ФЕД) и инсистирањето на Банката на Јапонија да ја задржи својата масовна програма за стимулирање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП