7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТ213. ден војна во Украина: Продолжуваат референдумите за пристапување кон Русија; Напад...

213. ден војна во Украина: Продолжуваат референдумите за пристапување кон Русија; Напад со беспилотно летало врз Одеса, гранатиран Запорожје

Киев ја продолжува контраофанзивата. Најмалку две лица загинаа во нападот со дрон во Одеса. Запорожје беше гранатирано во текот на ноќта. Референдуми за приклучување кон Русија се одржуваат во четири украински региони, на територии под руска контрола.

Во синоќешното гранатирање на Запорожје од страна на руските сили, едно лице загина, а седум лица се повредени, соопшти шефот на регионалната воена управа Олександар Старук.

Тој изјави дека во гранатирањето била погодена повеќекатница, пренесува Интерфакс Украина.

Старук додаде дека врз градот биле истрелани најмалку пет ракети.

На Фејсбук страницата на Генералштабот на вооружените сили на Украина, се наведува дека во вчерашниот руски напад врз Одеса, со употреба на јуришни беспилотни летала, загинале две лица, а уште две се повредени.

Според украинските сили, уништена е административната зграда во пристаништето, а градоначалникот на градот Генадиј Труханов пријавил штета на четири станбени згради.

„Од 18:30 часот, противвоздушните ракетни единици на Вооружените сили на Украина соборија шест беспилотни летала камикази. За прв пат во Украина, противвоздушни топови на Вооружените сили на Украина соборија беспилотно летало Мохаџер-6 од иранско потекло“, наведуваат украинските сили.

Во четири региони, на истокот и југот на земјата – Доњецк, Луганск, Запорожје и Херон, започнаа референдумите за пристапување кон Русија. Гласањето трае до 27 септември.

Проруските лидери на четирите региони очекуваат позитивен исход од референдумот, нарекувајќи го голем историски настан.

Киев, ЕУ, НАТО и лидерите на Групата седум ги осудија референдумите, нарекувајќи ги нелегитимно кршење на Повелбата на Обединетите нации. Велат дека нема да ги признаат резултатите.

„НАТО ќе ја зголеми својата помош за Киев како одговор на лажните референдуми на Русија кои се одржуваат на териториите на Украина“, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

Соединетите Американски Држави се подготвени за дополнителни економски санкции против Русија во соработка со американските сојузници, доколку Москва продолжи со анексијата на Украина, соопшти Белата куќа.

Обидите на Украина да ги врати териториите на Донбас по пристапувањето кон Русија ќе се сметаат за напади врз Руската Федерација во согласност со рускиот Устав, соопшти Кремљ.

Поранешниот италијански премиер и лидер на партијата „Напред Италија“, Силвио Берлускони изјави дека рускиот претседател Владимир Путин бил „туркан“ да ја нападне Украина и дека сака само „да стави пристојни луѓе на власт“ во Киев.

На границите на Финска, Грузија и Казахстан голема гужва од правец на Русија. Кабинетот на претседателот на Финска, Саулиј Нинист соопшти дека земјата донела одлука за ограничување на влезот на руски државјани во Финска.

Од Европската комисија велат дека руските државјани кои ја напуштаат земјата по одлуката за мобилизација имаат право да бараат азил во Европската унија.

Завршена е и истрагата на независната комисија за Украина под покровителство на Обединетите нации. Врз основа на собраните докази во четири украински региони, заклучено е дека во Украина се извршени воени злосторства, но не е прецизирано која страна е одговорна за нив.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП