28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјоделците би можеле да загубат 150 милијарди долари поради климатските промени

Земјоделците би можеле да загубат 150 милијарди долари поради климатските промени

Водечките светски земјоделски и прехранбени компании би можеле да изгубат четвртина од нивната вредност до 2030-та година, доколку не се прилагодат на новите владини политики и однесувањето на потрошувачите поврзани со климатските промени. Ова се наведува во извештајот на активисти поврзани со Обединетите нации.

Истражувањето покажа како 40 големи компании, вклучително и фармери и трговци на храна, би можеле да се справат под различни сценарија, како што е наметнувањето на нови даноци за јаглерод или потрошувачите да ја намалат нивната потрошувачка на месо.

Студијата цитирана од „Reuters“ покажа дека вредноста на компаниите ќе се намали во просек за околу 7% до 2030-та година, што е еднакво на загуба од околу 150 милијарди долари за инвеститорите доколку не усвојат нови практики.

Во исто време, секторите како што се производството на месо од растително потекло и обновувањето на шумите им нудат на истите компании големи нови можности.

Извештајот беше објавен од „Race to Zero“, кампања поддржана од ОН за справување со климатските промени. Истражувачите користеле податоци од „Vivid Economics“, која е дел од консултантската фирма „McKinsey & Co“. Целосната студија ќе биде претставена за време на Климатската недела во Њујорк.

Според авторите на извештајот, неговите наоди ја нагласуваат важноста на претходните повици до инвеститорите и компаниите да го ограничат уништувањето на шумите поврзано со сточарството и производството на производи како палминото масло и сојата.

Повеќе од 100 светски лидери минатата година ветија дека ќе го запрат уништувањето на шумите и деградацијата на земјиштето до крајот на деценијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП