13 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТПо објавата на Путин за мобилизација, летовите од Русија распродадени, рекордни цени...

По објавата на Путин за мобилизација, летовите од Русија распродадени, рекордни цени на билетите

Билетите за летовите од Русија брзо се распродадоа откако претседателот Владимир Путин потпиша указ за делумна мобилизација на 300.000 резервисти, пренесува Ројтерс. Цените на билетите за лет во еден правец од Москва до Белград, судејќи според веб-страниците на кои можете да резервирате и купите билети, достигнуваат рекордни цени.

Според веб-страницата travel.mediaalpha, за 22 септември цената на билетот во еден правец на релација Москва – Белград чини 3.323 долари, додека за еден ден подоцна, 23 септември, цените се движат од 1.600 до 5.600 долари, во зависност од класата и број на трансфери. Кога станува збор за други датуми, најдобрата цена моментално е 1.600 долари.

Најголем дел од летовите на Ер Србија меѓу Москва и Белград се распродадени. Според податоците на веб-страницата на оваа компанија, првите слободни термини се 25 и 26 септември, а потоа и 9 октомври.

Податоците на Google Trends покажуваат скок во пребарувањата за Aviasales, најпопуларната страница за авионски билети во Русија.

Директните летови од Москва до Истанбул, Турција и Ереван, Ерменија, двете безвизни дестинации за Русите, беа распродадени во средата, според Aviasales, а некои летови за поврзување, вклучувајќи ги и оние од Москва до Тбилиси, исто така беа недостапни.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да одговори на прашањата на новинарите за можното затворање на границите на Русија за да се спречи бегството на воено способни лица од војска по најавата за делумна мобилизација за потребите на војната во Украина.

Тој рече дека руската влада „многу наскоро“ ќе објави кои категории граѓани ќе бидат ослободени од мобилизација на резервисти со воено искуство за да служат во Украина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП