19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБлефот со милијарди на Фон дер Лајен

Блефот со милијарди на Фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен знае дека за силен говор потребна е силна порака.

Во средата, за време на годишното обраќање за состојбата на Унијата, таа најави дека зимава ќе бидат прераспределени 140 милијарди евра од производителите на струја до граѓаните и бизнисите.

„Производителите остваруваат профит за кој „никогаш не сонувале. Во денешно време, профитот мора да го делат и да уживаат оние на кои им се најпотребни“, рече Фон дер Лајен.

Ова е интервенција во приватниот сектор, какви што Европа никогаш не знаела. Но, барем за Фон дер Лајен, вонредните времиња оправдуваат вонредни мерки. Нејзините власти посочуваат дека струјата поскапела за околу 50 отсто на годишно ниво. Претседателката на ЕК сака да им покаже на граѓаните на ЕУ дека е загрижена за нив.

На крајот на месецот се очекува 27-те земји-членки на ЕУ да го одобрат лимитот за цените на струјата предложен од Европската комисија во рамки на забрзана постапка. Добивките над цена од 180 евра за мегават час мора да ги задржат земјите-членки за да можат домаќинствата и бизнисите да бидат компензирани за високата цена на електричната енергија. Во последно време пазарната цена за мегават час просечно варира по цена од околу 400 евра. На овој начин производителите на струја ќе треба да обезбедат 220 евра за прераспределба.

Засегнати се сите производители на електрична енергија кои произведуваат струја поевтина од електраните на гас и јаглен. Во пракса тоа се производителите на електрична енергија од нуклеарни централи или со помош на јаглен од лигнит, нафта или обновливи извори на енергија.

Засега е разбирлива пресметката на Брисел. Но, тогаш пресметките скршнуваат во непознатото. Прегледот на документите подготвени од претставници на Фон дер Лајен покажува дека се очекуваат само 117 милијарди евра приход од ограничувањето на цените на електричната енергија. 25 милијарди евра ќе бидат обезбедени од солидарната давачка за производителите на енергија од фосилни горива, која исто така е вклучена во најновиот законски предлог.

Но, и овие 117 милијарди евра не се сериозна сума. Во документите на ЕК не се споменува на која цена на струјата се базира прогнозата. Бидејќи никој не знае точно како ќе се развива цената на струјата во наредните месеци, па би требало да биде доста тешко да се предвиди каква било вредност.

Уште посомнително е дека приходите од 117 милијарди евра се однесуваат на цела година. Впрочем, токму тоа го напишаа вработените во Европската комисија во своите документи. Во исто време, сепак, итната интервенција планирана од ЕУ првично е ограничена на четири месеци, за периодот од декември 2022-ра до март 2023-та. Затоа, во сериозна прогноза, вредноста ќе треба да се подели со три. Сумата не изнесува ни 40 милијарди евра. Ако данокот на солидарност ги донесе очекуваните 25 милијарди евра, конечниот износ ќе биде нешто под 65 милијарди евра – ниту половина од ветеното.

Сумата од 140 милијарди евра што ја спомена Фон дер Лајен не фигурира во текстот на законот. Според Брисел, целта на предлогот не е одредена сума, туку механизам. Самата ЕК не ги коментираше податоците за германскиот магазин „WirtschaftsWoche“, кој прво го покрена ова прашање.

Пораката на Фон дер Лејен секако се вклопува со нејзината наклонетост за ангажирање на публиката со големи суми пари. Во својот говор минатата среда, таа мораше да признае дека се искористени само 100 милијарди евра од пакетот помош на ЕУ за кризата со коронавирусот.

„Тоа значи дека 700 милијарди евра сѐ уште не влегле во нашата национална економија“, рече таа.

Прашањето што Фон дер Лајен не си го поставува е дали има смисла програмата за која Европската комисија презема долгови. Ако земјите-членки воопшто не бараат пари, се појавува сомнежот дека не можат намерно да го користат.

Сепак, Фон дер Лајен не сака да слуша критики за „NextGeneration EU“. Откако земјите-членки на ЕУ го усвоија планот за реконструкција во 2020-та година, таа не се измори да го промовира проектот. Комисијата потрошила 66 милиони евра само за рекламирање на проектот, станува јасно од одговор на прашање на европратеник. Засега не се знае дали ЕК планира рекламна кампања за ограничување и на цената на струјата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП