19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата паднаа под 90 долари

Цените на нафтата паднаа под 90 долари

Цените на нафтата паднаа денеска на меѓународните пазари под 90 долари под притисок на очекувањата за послаба побарувачка и зајакнат долар пред евентуалното значително зголемување на каматните стапки во САД.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше пониска за 1,9 долари во однос на затворањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 89,45 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена од 2,57 долари, на 82,54 долари.

Трговијата денеска е ограничена поради испраќањето на кралицата Елизабета Втора, а трговците се фокусирани на американската централна банка, која оваа недела ќе ги зголеми каматните стапки, можеби за цел процентен поен, за да ја скроти високата инфлација. Во август, потрошувачките цени во САД беа за 8,3 отсто повисоки од минатата година.

Повисоките каматни стапки би значеле повисоки трошоци за задолжување и послаба економска активност и побарувачка на нафта, но и поддршка на доларот, кој остана близу највисокото ниво во последните две децении, што значи послаба куповна моќ за купувачите со други валути.

„Цените беа задржани поради претстојната седница на ФЕД и силниот долар“, заклучи Тамас Варга од PVM. Побарувачката веќе некое време ги загрижува пазарите, особено откако Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) минатата недела процени дека може да стагнира во четвртиот квартал.

Кочницата на цените беше и надежта дека може да се ублажи кризата во снабдувањето со гас во Европа. Утрово германските клиенти резервираа капацитети за испорака на руски гас преку затворениот гасовод Северен тек 1, но податоците за нарачката потоа беа ревидирани и гасот не пристигнува во Германија.

Путин се закани дека ќе ја запре испораката на нафта за најбогатите земји

Снабдувањето со руски енергетски производи е доведено во прашање откако западните земји почнаа да воведуваат санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина. ЕУ се подготвува да воведе ембарго на руската нафта и деривати, а Г7 сака да ги ограничи нејзините цени.

Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека во тој случај ќе ја прекине испораката на групата најбогати земји во светот. На пазарот и понатаму се надвива сенката по стапувањето во сила на европските санкции за руската нафта. Снабдувањето ќе биде ограничено на почетокот на декември и тешко дека американските производители ќе реагираат брзо и ќе обезбедат замена, велат аналитичарите на ANZ.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) денеска одделно објавија дека цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки во петокот паднала за 1,80 долари, на 95,70 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП