19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУнгарија може да остане без европските програми вредни 7,5 милијарди евра

Унгарија може да остане без европските програми вредни 7,5 милијарди евра

Европската комисија му предлага на Советот на Европската унија да замрзне 65 отсто од средствата од трите оперативни програми во рамки на кохезионата политика за Унгарија, кои изнесуваат околу 7,5 милијарди евра. Ова по колегиумот на комесари го соопшти европскиот комесар за буџет и администрација Јоханес Хан.

Причината за високата казна е загриженоста поврзана со владеењето на правото и ризиците за буџетот на заедницата.

Советот има рок од еден месец да одлучи дали ќе го прифати предлогот. Ова може да се направи со квалификувано мнозинство.

ЕУ ја воведе можноста за такви финансиски санкции пред две години токму како одговор на, како што вели Брисел, поткопување на демократијата во Полска и Унгарија.

Во последниве години, унгарскиот премиер Виктор Орбан направи голем број обиди да ја зголеми контролата врз судството, медиумите, невладините организации и академската заедница, како и да ги ограничи правата на мигрантите и малцинствата.

Владата на Орбан предложи формирање на нова агенција за борба против корупцијата, бидејќи Будимпешта е под притисок да обезбеди пари за болната економија и форинтата, валутата со најлоши резултати во источниот дел на ЕУ.

Орбан, кој себеси се нарекува „борец за слобода“ против светогледот на либералниот Запад, го негира тврдењето дека Унгарија е покорумпирана од другите земји во Заедницата.

Комисијата веќе блокираше околу 6 милијарди евра наменети за Унгарија во планот за економско закрепнување по пандемијата со Ковид-19, повторно поради загриженост за корупција.

Во 2018-та година, Орбан беше обвинет за пренасочување на средствата за развој на ЕУ кон неговите пријатели и семејството. Според некои организации за човекови права, оваа практика неизмерно го збогатила неговиот близок круг и му овозможила на 59-годишниот премиер да ја консолидира својата моќ.

ЕУ откри неправилности во речиси 4% од евро-фондовите потрошени во Унгарија, според органот за борба против измами на блокот ОЛАФ, што е најлош резултат меѓу 27-те земји на ЕУ.

Покрај тоа, Виктор Орбан продолжува да одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин и се закани дека нема да го поддржи продолжувањето на санкциите против Москва поради нејзината инвазија на Украина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП