Рускиот претседател Владимир Путин повторно е ставен во „чекање“, овој пат од претседателот на Киргистан Садир Жапаров. Путин поради тоа бил видно нервозен, а тоа го покажуваат и видеата кои биле направени тогаш.
Видеото е направено за време на самитот во Узбекистан, каде што рускиот лидер се сретна со лидерите на Кина, Туркменистан, Узбекистан, Иран и Пакистан.
На маргините на самитот Путин се сретна и со претседателот на Киргистан, но, како што може да се заклучи од видеото, таа средба не започнала најдобро.
Имено, како што може да се види на видеото кое беше објавено во четвртокот, Путин прв пристигнал на местото на средбата, ги извадил белешките од џебот и застанал пред столот.
Тој бил снимен како ги става хартиите на маса, а само неколку секунди подоцна му се придружил колегата.
Видеото предизвика лавина коментари на социјалните мрежи. Некои пишуваа дека Путин е „понижен“, дека ова е уште едно „непочитување“ кон рускиот претседател.
Да потсетиме, тој помина низ слична ситуација пред само неколку месеци кога турскиот колега Реџеп Таип Ердоган го остави да го чека дури 50 секунди.
Инаку, Путин е познат како лидер кој намерно ги држи светските лидери во мирување, понекогаш и со часови. Во 2003 година, Путин доцнеше 14 минути за кралицата, а една година претходно ги држеше родителите на децата загинати во авионска несреќа да чекаат два часа на гробишта.
Путин доцнеше еден час на средбата со папата Франциско во Ватикан во јуни 2015 година.
Во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп чекаше 45 минути пред закажаниот самит во Хелсинки со рускиот претседател.
Во 2014 година, Ангела Меркел чекаше четири часа и 15 минути за средба со Путин, додека Виктор Јанукович, кога беше украински претседател, еднаш чекаше четири часа пред да седне со рускиот лидер.
Тој доцнеше и на средбата со Ердоган во Москва во 2020 година, каде турскиот претседател толку долго чекаше да влезе во салата за состаноци што седна. Турските медиуми тогаш објавија дека Ердоган и неговата придружба биле оставени понижени бидејќи биле принудени да чекаат во фоајето. Поради ова, многумина сугерираат дека јулскиот настан е негова „слатка одмазда“.