Киев денеска треба да објави повеќе информации за масовната гробница, за која тврдат дека ја откриле во Изум. Оваа информација ја соопшти претседателот Володимир Зеленски во видео обраќање, нагласувајќи дека повеќе информации ќе бидат познати во петок, пренесува Ројтерс.
„Русија ја остава зад себе смртта насекаде и мора да одговара“, рече Зеленски.
Претходно, украинските власти повторно ја обвинија руската армија за напади врз цивилната инфраструктура. Тврдат дека удриле во водоводот и браната во Криви Рог, поради што реката се излеала и населението било евакуирано.
Од друга страна, властите на регионот Луганск, кој прогласи независност, изјавија дека украинските сили ги таргетирале градовите Лисичанск и Стаханов со повеќе ракети ХИМАРС.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дојде да го поддржи Киев по трет пат од почетокот на војната.
Таа истакна дека поддршката за Украина е скапа, но дека „слободата нема цена“ и додаде дека е „импресионирана“ од брзината со која Киев напредува во напорите да стане членка на Европската унија.
Иако Украина тврди дека постигнува успех во областа Керсон, руското Министерство за одбрана одговара дека градот и регионот не се во никаква опасност. Поради групирањето на украинските војници, тие ја зајакнаа одбранбената линија во областа Запорожје.
Москва му префрли на Вашингтон дека е во нивен интерес да го продолжат конфликтот што е можно повеќе.
Доколку Соединетите Американски Држави решат да го снабдуваат Киев со ракети со долг дострел, ќе ја преминат „црвената линија“ и ќе станат директен учесник во конфликтот. Русија го задржува правото да ја брани својата територија, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
И Берлин најавува нови испораки на оружје и опрема на украинските сили. Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт изјави дека во Киев ќе достават уште два повеќецевни ракетни фрлачи и 50 оклопни возила.
Западот внимателно го следи самитот на Шангајската организација за соработка во Узбекистан. Владимир Путин и Кси Џинпинг се сретнаа таму за прв пат од почетокот на конфликтот. Рускиот лидер го нарече кинески стар пријател, му рече дека цврсто ја поддржува политиката на една Кина и дека се противи на американските провокации во Тајванскиот теснец.
„Обидите да се создаде униполарен свет неодамна добија апсолутно монструозни облици и се апсолутно неприфатливи за огромното мнозинство земји на планетата“, рече Путин.
На маргините на самитот се одржуваат бројни билатерални средби, Иран е се поблиску до членство во Шангајската организација за соработка. Планирана е средба меѓу претседателите на Турција и Русија, а главни теми ќе бидат Украина и заострувањето на односите меѓу Азербејџан и Ерменија.