28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија со кредитни гаранции ќе го поддржи енергетскиот сектор

Германија со кредитни гаранции ќе го поддржи енергетскиот сектор

Германија е подготвена да го искористи фондот формиран за да го олесни економскиот удар од пандемијата на коронавирусот преку обезбедување гаранции за заеми за финансиски проблематичните енергетски фирми, објави „Bloomberg“, цитирајќи извор запознаен со ова прашање.

За механизмот ќе биде задолжена државната развојна банка „KfW“, а обемот на расположливите гаранции за заеми изнесува околу 67 милијарди евра, рече изворот, кој сакаше да остане анонимен.

Владата на канцеларот Олаф Шолц ќе го одобри планот на редовен состанок на владата во среда.

Најголемата европска економија е во центарот на енергетската криза во регионот бидејќи Русија продолжува да ги намалува испораките на природен гас како контраудар на западните санкции воведени поради руската инвазија на Украина.

Се зголемуваат стравувањата дека Германија може да се соочи со бран на корпоративни банкротства како резултат на кризата.

Според изјавата на германскиот министер за економија Роберт Хабек, енергетски интензивните мали и средни компании ќе добијат нови субвенции за купување на увозен гас и електрична енергија што е можно побрзо. Помошта може да се обезбеди ретроактивно од септември во зависност од конечната форма на планот.

Хабек зборуваше за време на видео средба со околу 40 здруженија на мали и средни бизниси.

Шемата ќе им помогне на компаниите кои не можат да ги префрлат вртоглавите трошоци за електрична енергија на своите клиенти поради глобалната конкуренција. Колку повеќе компанијата е засегната од високите цени на струјата, толку субвенцијата треба да биде поголема.

Сепак, државата не може да ги компензира сите трошоци за енергија, рече германскиот министер за економија. Дополнително, треба да има иницијативи за заштеда на гас.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП