Во 2021-ва година во ЕУ се произведени вкупно 13,5 милиони велосипеди, што е зголемување за 11% во однос на 2020-та година, покажуваат податоците на европската статистичка служба Евростат.
Производството на продадени велосипеди значително се разликува меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци. Најголем број велосипеди се произведени во Португалија 2,9 милиони, потоа Романија со 2,5 милиони, Италија со 1,9 милиони, Германија со 1,4 милиони и Полска со 1,2 милиони.
Возењето велосипед е добро за здравјето и благосостојбата, исто така е економично до тој степен што може да ја замени употребата на приватни автомобили и на тој начин да помогне во намалувањето на загадувањето на воздухот, забележува Евростат.

Производство на велосипеди во ЕУ во 2021-ва: Евростат
Во 2021-ва година, ЕУ извезе велосипеди во вкупна вредност од 921 милион евра (и електрични и неелектрични) во земји кои не се членки на ЕУ, додека во исто време увезува велосипеди во вредност од речиси 1,9 милијарди евра од земји кои не се членки на ЕУ.
Бројките покажуваат дека Унијата извезла 1.487.700 неелектрични велосипеди во вредност од 433 милиони евра и увезла 5.743.700 велосипеди во вредност од нешто повеќе од 1 милијарда евра.
Во однос на 2020-та година, бројот на извезени неелектрични велосипеди е зголемен за 16 отсто, а на увезени за 17 отсто.

Трговија со велосипеди во ЕУ: Евростат
Минатата година ЕУ извезла 315.800 електрични велосипеди со вкупна вредност од 488 милиони евра. Истовремено, Унијата увезла 1.148.600 електрични велосипеди во вредност од 849 милиони евра од земји надвор од ЕУ. Во однос на 2020-та година, бројот на извезени електрични велосипеди е зголемен за 15 отсто, а на увезени за 37 отсто.
Во 2021-ва година, Велика Британија беше главната дестинација за извоз на неелектрични велосипеди од ЕУ со учество од 30% во однос на вредноста, а потоа следат Швајцарија и САД. Во исто време, Швајцарија и Велика Британија се исто така главни дестинации за извоз на електрични велосипеди од ЕУ со учество од 38% и 27% соодветно, а потоа следат Норвешка и САД.
Увозот на неелектрични велосипеди од земји надвор од ЕУ минатата година дојде главно од Камбоџа со удел од 27%, потоа Тајван и Кина. Во исто време, увозот на електрични велосипеди во ЕУ главно доаѓа од Тајван со учество од 57 отсто, а потоа следат Швајцарија и Виетнам.