26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајразвиените пазари на недвижности се соочуваат со болно ресетирање

Најразвиените пазари на недвижности се соочуваат со болно ресетирање

Повисоките каматни стапки, а со тоа и повисоките рати за отплата на кредитите, се повеќе ги погодуваат и купувачите на станови и сопствениците на недвижности. Побарувачката опаѓа од Сиднеј до Стокхолм бидејќи централните банки ги зголемуваат каматните стапки со најбрзо темпо во последните децении, намалувајќи ги цените на куќите.

Брзото ладење на пазарот на недвижности – главниот извор на богатството на домаќинствата – претставува нова закана за глобалната рецесија. Иако падот на цените досега не е ни блиску до нивото на финансиската криза од 2008 година, пазарот на недвижности е клучна варијабла за централните банкари кои сакаат да ја намалат инфлацијата без да ја нарушат довербата на потрошувачите и да предизвикаат длабока рецесија.

Во меѓувреме, Австралија и Канада веќе се соочуваат со двоцифрен пад на цените на куќите, а економистите веруваат дека ова е само почеток.

Студот доаѓа

„Во 2023 и 2024 година, ќе видиме глобално синхронизиран пад на вредноста на пазарот на недвижности“, рече Хидеаки Хирата од Универзитетот Хосеи, поранешен економист на Банката на Јапонија и коавтор на анализата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за глобалните цени на становите. Хирата предупредува дека ќе биде потребно извесно време за да се почувствува целосниот ефект од агресивното зголемување на каматните стапки во потрошувачката на домаќинствата.

Пониската побарувачка за недвижен имот е значителен пресврт во однос на изминатите неколку години, кога политиката на централната банка дозволуваше „евтини“ пари, а потоа побарувачката беше забрзана од епидемијата на коронавирусот, што ги натера луѓето да бараат поголеми домови кои беа прифатливи за работа на далечина. Сега многумина се соочуваат со повисоки рати за кредити.

„Младите семејства кои се задолжија никогаш не виделе толку силно зголемување на каматните стапки и опаѓање на платите, во реални услови“, рече Роб Суббараман, шеф за истражување на глобалните пазари во Номура холдингс. Тоа може да биде голем шок за нив“.

Во некои земји, повеќе кредити со променлива стапка

Сепак, изложеноста на ризик на заемопримачите многу варира од земја до земја. Во Соединетите Американски Држави (САД), на пример, повеќето купувачи се потпираат на станбени кредити со фиксна каматна стапка до 30 години. Станбените кредити со променлива каматна стапка во последните пет години во просек претставуваа само околу седум отсто од сите затворени кредити.

Обединетото Кралство и Канада имаа најголема концентрација на заеми со променлива каматна стапка во споредба со новоиздадените заеми во 2020 година, се вели во мајскиот извештај на агенцијата „Fitch Ratings“. Најлошо е во Австралија, каде што цените на куќите во август забележаа најголем месечен пад во речиси четири децении. Доколку кредитокорисниците досега можеа да ги покријат повисоките трошоци за заемот, следната година ќе биде пресвртница. Во Австралија краткорочните заеми се даваат за релативно краток период од две до три години.

Државна интервенција

Така, на пример, владата во Полска, каде што месечните исплати на некои кредитокорисници веќе се двојно зголемени поради зголемувањето на каматните стапки, овозможи привремена суспензија на отплатата на заемите, но најмногу за осум месеци. Со тоа се намали профитот на банките кои беа принудени да се обезбедуваат со резерви.

Кина, исто така, се бори со растечката криза во секторот на недвижности поврзана со бранот неисполнување на заемите. Во Шведска, кој беше еден од најжешките пазари во Европа, цените на куќите паднаа за околу осум отсто од пролетта, а повеќето економисти сега очекуваат пад од 15 отсто. Зголемените каматни стапки, исто така, вршат притисок врз компаниите за недвижнини кои позајмиле многу на пазарите на обврзници за да ги финансираат своите операции, оставајќи ги инвеститорите се повеќе загрижени за нивната способност да го рефинансираат тој долг.

Падот на цените се забрзува и во Велика Британија. Анализата на Блумберг покажува дека цените на становите стагнираат или паѓаат во речиси половина од општините во Лондон. Финансиската компанија HSBC Holdings предупреди дека Велика Британија е на „врвот на падот во секторот за домување“ и дека побарувачката најверојатно ќе падне за една петтина во текот на следната година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП