„Ubisoft“, најголемиот француски развивач на видео игри, е отворен за повеќе партнерства по договорот во кој кинескиот „Tencent“ ќе го зголеми својот удел во компанијата. Ова го откри ко-основачот и извршен директор на „Ubisoft“ Ив Гијом.
Неговите коментари дојдоа во време на тежок ден за акциите на „Ubisoft“, кои паднаа за 17% откако групата објави дека „Tencent“ ќе стане нејзин најголем акционер со удел од 11%.
Договорот го вреднува развивачот на „Assassin’s Creed“ на околу 10 милијарди долари.
„Ние остануваме целосно независни и можеме да работиме со која било надворешна компанија ако сакаме“, вели извршниот директор, кој го основа „Ubisoft“ со неговите четворица браќа во 1986-та година.
„Имаше големи преговори со „Tencent“. Можеме да направиме што сакаме“, додава тој.
Трговците и аналитичарите рекоа дека договорот со „Tencent“, според кој најголемата светска компанија за игри според приходите ќе склучи акционерски договор со браќата Гијом, стави крај на шпекулативната привлечност на акциите на „Ubisoft“.
Групата долго време се сметаше за цел на преземање бидејќи браќата имаат малцински удел. Сепак, тие успеаја да го одбијат нападот на францускиот тајкун Винсент Болоре преку неговата медиумска група „Vivendi“.
Помалиот развивач на мобилни игри „Gameloft“, некогаш предводен од братот на Ив Гијом, Мишел, беше апсорбиран од „Vivendi“ пред шест години.
Таинствените браќа, синови на трговци со земјоделски производи од мал град во Бретања, западна Франција, ветија дека ќе ја бранат својата независност, цел што Ив Гијом (62) ја потврди пред неколку дена.
Таа перспектива неодамна беше тестирана со комбинација на лоши финансиски резултати и наводи за сексуално вознемирување, што доведе до промени во менаџментот на компанијата и ветувања за промена на корпоративната култура опишана како сексистичка од некои поранешни вработени.
„Да, се сопнавме и го признаваме тоа. Научивме многу на патот и постигнавме значителен напредок со конкретни акциони планови колективно водени од нашите лидери“, посочува Гијом.
„Ubisoft“ потроши околу 200 милиони евра во готовина за оперативни активности во финансиската 2020/2021 година, откако генерира 169 милиони евра оперативен готовински тек во претходната година.
Финансиските неволји на компанијата се надоврзаа на доцнењата во објавувањето на некои нови игри и зголемениот притисок врз менаџментот во услови на бум на спојување и стекнување во индустријата за игри.
„Microsoft“, на пример, објави дека ќе го купи развивачот на „Call of Duty“, „Activision Blizzard“ за 69 милијарди долари.
Како дел од својот план за враќање на растот, „Ubisoft“ се обидува да ги донесе своите три основни игри – „Assassin’s Creed“, „Far Cry“ и „Tom Clancy’s Rainbow Six“ на сите дигитални платформи, додаде Гијом.
Групацијата сака трите брендови да достигнат вкупно 2 милијарди евра годишен приход во период од пет години, посочува тој. Гијом објави дека „Assassin’s Creed“ ќе го објави своето следно издание „Mirage“ во 2023-та година. Во исто време, „Ubisoft“ соработува со платформата за стриминг „Netflix“ за да развие три оригинални мобилни игри, вклучително и онаа што се базира на оваа франшиза.