Со цел возењето на моделот „Yaris Cross“ да биде повозбудливо, јапонскиот производител на автомобили воведува блага спортска верзија на „GR Sport“.
„Toyota“ ја користи ознаката „GR Sport“ за модели со дискретни подобрувања на перформансите, додека моделите „GR“ и „GRMN“ имаат позначајни спортски подобрувања. Затоа, немојте да мислите дека овој „Yaris Cross“ е чистокрвен хот хеч.
Главното механичко подобрување на овој мал кросовер е ревидираната поставеност на суспензијата.

Што се однесува до надворешноста, „Yaris Cross GR Sport“ изгледа малку поагресивно со сјајна црна решетка и дифузор под задниот браник.
Покрај тоа, нијансата „Scorched Orange“ е ексклузивна за овој модел. Достапна е и пепел сива боја со контрастен црн покрив и столбови.
Автомобилот се вози на специјални тркала од 18 инчи со десет краци.
Во внатрешноста на кабината, предните спортски седишта имаат нов сив тапацир со црвени шевови, а слични светли шевови се применети и на воланот и рачката на менувачот.

Премиум „GR“ спортски седишта обложени со црн перфориран „Ultrasuede“ материјал, со потпори од вештачка кожа и црвени шевови, се исто така достапни како опција.
Логото „GR“ е видливо прикажано на предните потпирачи за глава, копчето за стартување, дисплејот на инструментите и воланот, додека вратите и таблата со инструменти имаат препознатливи металик сребрени значки „GR Sport“.
„Yaris Cross GR Sport“ е придвижуван од трицилиндричен, 1,5-литарски Hybrid Dynamic Force мотор на „Toyota“. Моторот со хибридна асистенција произведува вкупно 118 коњски сили (87 kW).
Од „Toyota“ велат дека долгиот удар на клиповите во цилиндрите на погонската единица, многу брзото согорување, високиот сооднос на компресија од 14:1, како и контролите на температурата и притисокот и помагаат на енергетската единица да достигне термичка ефикасност од 40%.

Намалувањето на емисиите на CO2 и економичноста на горивото на моделот „Yaris Cross GR Sport“ имаат за цел да го достигнат истото ниво како и моделите во пакетите опрема „Yaris Cross Elegant“ и „Adventure“.
„Yaris Cross“ се покажа како многу успешен во Европа
Воведен во 2021-ва година, „Yaris Cross“ оттогаш е постојано најбараниот автомобил на „Toyota“ во Европа, со продажба од повеќе од 77.000 единици во првата половина на 2022-ра година, обезбедувајќи пазарен удел во сегментот „B-SUV“ од 7,7%, што претставува 48 % учество во гамата на „Yaris“ во истиот период.
Претпродажбата на новиот модел „Yaris Cross GR Sport“ во Европа започна или ќе започне (во зависност од пазарот) во третиот квартал на 2022-ра година.