1 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПетти месец по ред паѓаат цените на храната ширум светот

Петти месец по ред паѓаат цените на храната ширум светот

Индексот на цените на храната на Обединетите нации падна петти последователен месец како знак дека еден од главните двигатели на инфлацијата ширум светот можеби слабее.

Индексот падна на 138 поени во август и сега е понизок отколку пред руската инвазија на Украина, покажуваат податоците на Организацијата за храна и земјоделство на ОН, цитирани од „ВВС“. Двете земји се водечки извозници на земјоделски култури, вклучувајќи сончогледово масло, пченка и пченица.

Договорот за повторно отворање на украинските пристаништа, склучен во јули годинава со посредство на Обединетите нации, ги намали цените на житариците и растителното масло, забележува организацијата. Ова значи дека повеќе залихи успеале да стигнат до меѓународните пазари.

Житариците беа „главниот двигател“ на овогодинешниот раст на цените на храната, но според Ерин Колиер од Организацијата за храна и земјоделство на ОН, залихите сега се зголемуваат најмногу поради добрата жетва, особено во Канада, САД и Русија, кои се главни извозници на пченица.

„Олеснувањето на извозните ограничувања помогна да се намалат цените на шеќерот и нафтата, додека послабата побарувачка за одредени производи изврши притисок врз цените на месото и млечните производи“, додаде Колиер.

Цената на храната е една од најголемите причини за инфлација во светот.

Еврозоната објави годишна инфлација од 9,1% во август, со најголем придонес во енергетиката со пораст од 38,3%, а потоа непреработената храна со 10,9%. Најновите бројки за инфлацијата во Обединетото Кралство и САД даваат слична слика.

„Зголемениот ризик од рецесија ја зголеми загриженоста дека побарувачката за храна како пченка, месо, растителни масла и други производи ќе падне“, рече аналитичарот на „ED&F Man“, Кона Хак.

Сепак, поради тековните проблеми со синџирот на снабдување и времето потребно за цените да се променат, таа предвидува дека нема сите земји веднаш да ги почувствуваат придобивките од овие пониски цени.

Глобалниот индекс на цените на храната нагло падна во однос на мартовскиот рекорд од 159,7 поени, но останува 10 поени над нивото од пред една година.

Украинскиот министер за земјоделство, Микола Солски, оваа недела предупреди дека претстојната жетва ќе страда поради војната. Површините за садење пченица и јачмен за следната година се очекува да се намалат за најмалку 20 отсто поради руската инвазија. Украинскиот аграрен совет исто така предупреди дека недостатокот на средства ќе го намали производството.

Ерин Колиер од ОН изјави за „ВВС“ дека дури и по најновиот пад на глобалните цени на храната во последните месеци, тие остануваат повисоки отколку за време на врвот во 2011-та година.

„Во моментов има многу фактори кои сè уште ги одржуваат цените високи. Тие вклучуваат вртоглаво растечки цени на енергијата, ѓубрива кои остануваат многу скапи за земјоделците и неизвесност во снабдувањето“, вели таа.

Според неа, и покрај отворањето на некои украински пристаништа, ситуацијата и понатаму е неизвесна, а обемот на трговската размена преку Црното Море сѐ уште е многу мал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП