Министерот за здравство, Беким Сали, и денес не ги повика на разговор претставниците на матичните лекари, кои и денес го продолжија најавениот тридневен протест и избегна конкретно да одговори дали ќе ги повика. Уште еднаш, како многупати изминативе недели, повтори дека е во постојана комуникација со здруженијата на матичните лекари и дека решенија за проблемите треба да се бараат преку разговори, на маса, а не преку грбот на пациентите.
“Ние сме во постојана комуникација со Лекарската комора, со здруженијата на општите лекари, односно матичните лекари, со здруженијата на семејните лекари. Јас сметам дека треба да бидете информирани оти не сите лекари од примарното ниво штрајкуваат. Ова не е протест, ова е штрајк со тридневно изразување револт кон политиките што ги практикува, односно ги прави Министерството. Јас и во минатиот период повикав на разбирање и заедничка соработка затоа што пациентите не треба да бидат жртва на одредени политики што доцнат. Очигледно ние како Министерство не успеавме да убедиме само мал дел, тоа се 25 отсто од матичните лекари. Слободно проверете, две здруженија од трите поголеми здруженија на матичните лекари не се дел од овој штрајк и не се вклучија во изразување револт со таков вид бојкот на работа со кој подебелиот крај го извлекуваат пациентите, а не системот, затоа што измени во системот се прават преку разговори, не преку штрајк, во кој пациентите, за жал, се оние што страдаат“, рече министерот Сали.

