16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИстражување на Аналитика: Епидемија на насилство во средните училишта

Истражување на Аналитика: Епидемија на насилство во средните училишта

Тинк тенк организацијата „Аналитика“ спроведе квантитативно истражување со учениците од три средни училишта на територијата на Град Скопје (СУГС “Здравко Цветковски”, СУГС “Зефљуш Марку “и СУГС” Шаип Јусуф”).

Истражувањето беше спроведено на репрезентативен примерок од 305 ученици во училишта со мешан етнички состав. Целта на ова истражување беше да се утврдат видовите на насилство на кои се изложени учениците во средните училишта, согледување на улогата на наставниците во превенција и делување при насилно однесување во училиштата, но и на останатите чинители во образовниот систем како што се психолошко-педагошката служба, надлежните институции и родителите. 

Наодите од истражувањето, даваат поразителна слика за тоа колку и во каков облик се јавува насилството. Дури 62,7% од учениците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина. Најголем број од нив го препознаваат физичкото насилство кое во голема мера е највидливо, понатака според учениците во висок процент е присутно психичкото и сајбер насилството. Високи 70% од учениците сведоци се на насилно однесување во нивните училишта, но истото не го пријавуваат од бројни причини, меѓу кои не знаењето кому да пријават или како да пријават а да останат аноними пријавувачи.

На прашањето „Дали сметате дека наставниците посветуваат доволно време за едукација на учениците за превенција и справување со насилството„ висок процент на ученици, односно 82,3%, одговориле дека наставниот кадар посветува најмногу време на ваква едукација.

Речиси во сите училишта постои кодекс на однесување како и кодекс за постапување при насилство. Но сепак истиот не е препознаен или не е презентиран на учениците на начин на кој би требало.

Кај 43% од учениците доминира одговорот дека насилството е најчесто прекинато од страна на наставниците во училиштето, што посочува на важноста на улогата на наставниот кадар во креирањето на безбедна училишна средина.

Бојана Мијовиќ Христовска од Аналитика кажува дека согласно истражувањето, високи 83,6% покажуваат дека девојчињата се почестите жртви на родово базираното насилство во училиштата. Родово базираното насилство како и родовата рамноправност се уште претставуваат една од најгорливите теми во нашата заедница, па и во училиштата. Кога зборуваме за нашето општество, можеме и да додадеме дека родово базираното насилство се третира како табу-тема, отсуствува едукација, како и помош и поддршка на младите девојки.

Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика смета дека за да се спречи насилното однесување на учениците, особено е важна континуираната и здрава соработка помеѓу родителите и училиштата. Од добиените одговори забележуваме дека 60% од учениците посочуваат на ниска соработка и вклученост помеѓу родителите, наставниците и стручните служби во училиштата. Родителите се најмногу заинтересирани за успехот на нивните деца, а многу помалку за училишната клима и вонучилишните активности кои имаат за цел да ја поттикнат креативноста на учениците, да развијат вештини кај нив,  и да создадат безбедна и здрава околина.

Од Аналитика сметаат дека образовниот систем, односно училиштата, се исклучително важни во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, каде може рано да се открие насилството врз децата, со цел спречување на истото. Важно е да се воспостави  отворен и коректен однос помеѓу учениците, наставниците и родителите бидејќи тоа помага во намалување на насилството во училиштата.

Спасова додава дека е потребно на учениците да им се овозможи да учествуваат во донесување на правилата во училиштето, бидејќи и на тој начин тие ќе партиципираат и подобро ќе ги разберат и почитуваат истите.

Потребно е стручната служба да работи на развој на конкретни програми за подигање на свесноста за постоење на насилството, на многу повисоко ниво. Потребна е едукација на учениците за превенција од насилство, што ќе придонесе во намалување на насилството во училиштата. За таа цел, клучно е континуирано да се вложува во личниот и професионалниот развој на наставниот кадар и стручните служби во училиштата, со цел истите да стекнат и развијат поголеми вештини и компетенции кои би придонеле во креирањето на подобра училишна клима.

Истражувањето е изработено во рамки на проектот “Развој на култура на мир и превенција на насилство, како основни вредности во образовниот систем во Република Северна Македонија”, што го спроведува Аналитика – Скопје, со финансиска поддршка од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Северна Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП