9 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапочна "Винска визија на Отворен Балкан" на белградскиот саем

Започна “Винска визија на Отворен Балкан” на белградскиот саем

Првиот меѓународен саем за вино „Винска визија на Oтворен Балкан“ започна денеска на Саемот во Белград и ќе трае до недела, 4 септември.

Тоа е прва заедничка регионална манифестација на иницијативата „Отворен Балкан“ која обедини околу 400 изложувачи, вклучително и 40 дестилерии, од 22 земји од регионот, ЕУ, но и Австралија, Аргентина, Чиле, Јужна Африка и САД.

Има 235 винарии од трите земји на „Отворен Балкан“, Србија, Северна Македонија и Албанија.

Саемот го отвори претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, а присуствуваше и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.

Вучиќ рече дека членовите на иницијативата „Отворен Балкан“ со денешната демонстрација покажале дека не само што се дел од светот, туку дека можат на многу начини да се натпреваруваат и да бидат подобри во различни сфери од животот.

„Отворен Балкан никому не донесе ништо лошо, а само добро им донесе на нашите народи. Ќе го направиме уште подобар, посилен и попривлечен за другите“, рече Вучиќ.

Еди Рама рече дека саемот на вино во Белград е организиран на високо европско ниво и дека винарите од Србија, Албанија и Северна Македонија не само што можат да разменат искуства, туку и да бидат пример за другите и да ги охрабрат да бидат дел од настанот.

„Благодарен сум на винариите кои учествуваат на саемот и кои не уверуваат дека „Отворен Балкан“ е повеќе од економија, трговија, политика. Тоа е производ на мирот, проект на единство во мир со визија за иднината“, рече тој.

Димитар Ковачевски рече дека денес на дело можеме да видиме како функционира „Отворениот Балкан“ кој го стимулира економскиот развој на регионот.

„Често нѐ прашуваат дали е политичка иницијатива, а ние одговараме дека е економска иницијатива и тоа денеска го потврдивме“, рече премиерот на Северна Македонија.

Саемот денеска од 16 часот ќе биде отворен за посетители кои ќе имаат можност да посетат различни тематски дефинирани изложбени целини, да се едуцираат и да се информираат за историјата и потеклото на виното, процесот на производство, видовите на вино, потрошувачката, но и да ги вкусите и купите најдобрите вина од балканскиот регион и светот.

Посебен дел од настанот ќе биде посветен на најпознатите гастрономски специјалитети од овој дел на Европа, а идејата е на саемот да се претстават Србија, Северна Македонија и Албанија со нивната традиционална храна.

Работното време на саемот е денеска до 20 часот, во петок и сабота од 12 до 20 часот и во недела од 12 до 19 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП