8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвростат: Инфлацијата во еврозоната надмина девет отсто во август

Евростат: Инфлацијата во еврозоната надмина девет отсто во август

Инфлацијата на потрошувачките цени во еврозоната надмина девет отсто во август и достигна нови рекордни нивоа, во услови на континуирано силно зголемување на цените на енергијата и храната, покажаа најновите проценки на Евростат во средата.

Првата проценка покажува дека растот на потрошувачките цени во 19-те земји кои ја делат заедничката валута, изразен со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), повторно забрза во август на годишна основа и достигна 9,1 отсто, по 8,9 отсто раст во јули.

Така, инфлацијата во еврозоната достигна ново највисоко ниво откако Евростат почна да објавува извештаи во јануари 1996 година.

Споредено со јули, потрошувачките цени во еврозоната се зголемени во просек за 0,5 отсто, покажуваат табелите на Евростат.

Главната причина за континуираното зајакнување на инфлацијата и натаму е скокот на цените на енергенсите, во контекст на шестмесечната војна во Украина и санкциите против Русија поради инвазијата на соседната земја, како и зголемената неизвесност во снабдувањето со руски гас за Европа.

Цените на енергенсите во последниот месец во еврозоната беа за 38,3 отсто повисоки во однос на истиот месец минатата година, откако беа повисоки за 39,6 отсто во јули. Тие останаа непроменети на месечно ниво.

Забрзан е растот на цените на храната, алкохолните пијалоци и тутунските производи, на 10,6 отсто од јулските 9,8 отсто. На месечно ниво цената поскапе за еден процент, покажуваат првите проценки на заводот за статистика.

Кога ќе се изземат нестабилните цени на енергените и храната, инфлацијата повторно забрза, на 5,5 отсто, од 5,1 отсто во јули.

Балтикот над 20 проценти

Балтичките земји забележаа највисоки годишни стапки на инфлација и во август, а цените повторно најсилно пораснаа во Естонија, за 25,2 отсто. Во Литванија и Летонија се зголемени за 21,1 односно 20,8 отсто.

Половина од членките на еврозоната имаат двоцифрени стапки на инфлација, а во групата со раст на цените во опсег од 10 до 20 отсто, Холандија и Словачка бележат највисоки, односно 13,6 и 13,3 отсто.

Во Германија и Италија, првата и третата по големина европска економија, цените според првичните проценки пораснале за 8,8, односно девет отсто.

Блиску е и Ирска, со инфлација од 8,9 отсто.

Словенија бележи инфлација од 11,5 отсто.

Франција, втората по големина економија во еврозоната, имаше најниска годишна инфлација во август, каде што беше 6,5 отсто, според првите проценки на Евростат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП