Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, со кое раководи Народната банка, а во кое членуваат претставници на сите финансиски регулатори – Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), ги усвои Основните компетенции на финансиската едукација. Со ова продолжуваат активностите за спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, усвоена во јули минатата година.
Основните компетенции на финансиската едукација ги опфаќаат основните знаења, вештини, ставови, мотивации и однесувања во однос на финансиите коишто би требало да ги поседуваат лицата во различни фази од животот. Рамката за финансиски компетенции според возраста на населението ги опфаќа финансиските компетенции за учениците од основното и од средното образование и финансиските компетенции за возрасното население. Притоа, рамката за финансиските компетенции има прогресивни елементи на компетентност и прикажува какви компетенции треба да се поседуваат на различна возраст. Прогресивниот пристап значи дека ученикот што е на возраст од петнаесет до осумнаесет години треба да ги има сите знаења во претходно дефинираните возрасни групи, како и дополнителни знаења коишто се однесуваат на таа возрасна група. Знаењето и вештините за возрасните се распоредени во две нивоа. Основното ниво ги опишува основните компетенции коишто треба да ги поседуваат возрасните, додека проширеното ниво содржи компетенции што им требаат на возрасните во зависност од нивните индивидуални потреби. Клучни компоненти на рамката за финансиските компетенции се: знаењето и вештините; ставовите; мотивациите и однесувањето. Знаењето и вештините опфаќаат осум теми од различни финасиски сегменти: 1. Пари и банкарство; 2. Приходи и оданочување; 3. Финансиско планирање; 4. Штедење и инвестирање; 5. Трошење и кредити; 6. Права и одговорности на потрошувачите; 7. Пензиска заштеда; и 8. Ризици и осигурување.

