Американскиот електронски гигант Apple, во седиштето на компанијата вчера ги претстави двата нови iPhone телефони, 5S и 5C, од кои првиот ќе биде наследник на последниот модел, а другиот ќе биде евтина варијанта.
Генералниот директор на Apple, Тим Кук го најави и новиот оперативен систем iOS7, кој ќе биде достапен од 18-ти септември и корисниците ќе можат бесплатно да го симнат.
Новите телфони ќе се најдат во продавниците од 20-ти септември.
Новиот iPhone 5S ќе биде во три бои, сребрена, златна и сива и ќе се окарактеризира со повеќе детали во однос на претходникот.
Како што пренесуваат американските медиуми, новиот телефон ќе има подобрен Siri-систем, 64-битен А7 процесор и појака камера.
Американскиот гигант најави воведување на отпечаток на прстот на новиот модел 5Ѕ, кој ќе се наоѓа на ,,home” копчето и со тоа ќе се замени шифрата за заклучување на телефонот.
Како новитет се наведува и iTunes Radio, кое ќе биде дел од новиот оперативен систем.
Покрај овој модел претставен е и iPhone 5C, кој ќе биде направен од пластика, што претставува отстапка од досегашните стандарди на компанијата и ќе биде понуден во Америка за 99 долари, со двегодишен договор со некои од мобилните оператори.
Телефонот има четири-инчен екран, камера од осум мегапиксели и зум кој ќе може да приближи објекти до три пати, и ќе биде понуден во пет бои.
iPhone 5C треба да биде насочен кон пазарите со помала платежна моќ како што се Индија и Кина.