8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТРуските шпиони погрешно ја процениле Украина, му дале погрешни информации на Путин

Руските шпиони погрешно ја процениле Украина, му дале погрешни информации на Путин

Неколку дена пред инвазијата на Украина, Руската служба за безбедност почнала да испраќа криптични упатства до информаторите во Киев. Спакувајте ги куферите и заминете од главниот град, но оставете ги клучевите од куќата, им рекле.

Инструкциите биле испратени од високи офицери на Руската служба за безбедност (ФСБ) од Одделот за оперативни информации, чија цел била да се обезбеди соборување на украинската влада и да се надгледува инсталирањето на проруски режим. Во тоа време, ФСБ беше убедена дека преземањето на власта во Киев ќе биде краткорочен и лесен проект.

„Успешно патување!, му порачал еден офицер на ФСБ на друг кој бил испратен во Украина да ја надгледува планираната окупација, според декласифицираните комуникации. Нема индикации дека примачот на пораката некогаш стигнал до главниот град, бидејќи плановите на ФСБ беа спречени со повлекувањето на руските сили во првите месеци од војната.

„Русите згрешија. Тие поставија стратешки цели кои беа надвор од нивните можности“
Комуникации кои ги откриваат овие подготовки се дел од поголема колекција чувствителни материјали добиени од украинските и други безбедносни служби, а во нив имал увид Вашингтон пост.

ФСБ помина со децении шпионирајќи ја Украина, обидувајќи се да ги кооптира нејзините институции, да ги исплати функционерите и да работи на спречување каква било идеја за свртување кон Запад. Ниту еден аспект од разузнавачката мисија на ФСБ надвор од Русија не беше поважен од навлегувањето во сите нивоа на украинското општество.

Сепак, агенцијата не успеа да ја оневозможи украинската влада, да поттикне каков било привиден проруски бран или да ја намали моќта на претседателот Володимир Зеленски. Претставниците на ФСБ можеби не сфатија каков отпор може да понуди Украина. Или сфатија, но не можеа или не сакаа да му пренесат такви оценки на рускиот претседател Владимир Путин.

„Русите згрешија. Тие поставија стратешки цели кои беа надвор од нивните можности. Грешката на Русија беше основна и стратешка“, рече висок американски функционер со пристап до доверливи информации за Русија и нејзините безбедносни служби.

Во интерес на украинските безбедносни служби е да ги дискредитираат руските шпионски агенции, но клучните детали од ова откритие ги потврдија претставници на западната влада.

Погрешни проценки

Извештаите покажуваат дека единицата на ФСБ одговорна за Украина се зголемила во месеците пред војната и била поддржана од огромна мрежа на платени агенти во украинскиот безбедносен апарат. Некои ја послушаа и ја саботираа украинската одбрана, додека други очигледно ги зедоа исплатите на ФСБ, но во исто време одбија да ги извршат наредбите на Кремљ.

Има и записи кои само ја зголемуваат мистеријата за руските погрешни пресметки. Опсежното истражување спроведено од ФСБ покажува дека голем дел од украинското население било подготвено да се спротивстави на руската инвазија и дека очекувањата дека руските сили ќе бидат дочекани како ослободители се неосновани. Сепак, ФСБ продолжи да ги храни оптимистичките оценки на Кремљ дека масите на Украинците ќе го поздрават доаѓањето на руската армија и обновувањето на промосковската влада.

Придржувајќи се до овие лажни претпоставки, ФСБ се залагаше за воен план заснован на идејата дека молскавичен напад врз Киев ќе ја собори владата за неколку дена. Зеленски требаше да биде мртов, заробен или во егзил, оставајќи политичкиот вакуум да го пополнат агентите на ФСБ. Наместо тоа, оперативците на ФСБ, кои во еден момент стигнаа до предградијата на Киев, мораа да се повлечат заедно со руската армија.

Но, Путин се чини дека не презел ништо против неговите шпионски шефови, и покрај обемот на нивните погрешни пресметки. Меѓу оние кои планираа да пристигнат во Киев на крајот на февруари беше и Игор Коваленко.

Коваленко фрлил око на стан во Киев?

Прислушуваните комуникации покажуваат дека Коваленко побарал адреса на станот и информации за контакт на информаторот на ФСБ кој бил таму. Украинските власти соопштија дека доушникот подоцна бил приведен и сослушан. Еден од подредените му ја дал на Коваленко адресата, телефонските броеви и клучните зборови што се користат за комуникација со информаторот, кој служел во владата на Зеленски, рекоа украинските власти.

Официјалните лица одбија да го идентификуваат информаторот, но рекоа дека тој признал дека неколку дена пред инвазијата, ФСБ му наредила да ги спакува своите работи, да ги остави клучевите и да го напушти главниот град.

Слични изјави дадоа и други доушници уапсени од украинските власти. Наводно им било кажано дека се ќе биде поинаку кога ќе се вратат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП