29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија го намалува ДДВ-то за гас од 19 на седум отсто

Германија го намалува ДДВ-то за гас од 19 на седум отсто

Доплатата за гас ќе им донесе на Германците значително повисоки сметки од 1 октомври до март 2024 година, а канцеларот Олаф Шолц најавува дека данокот на додадена вредност (ДДВ) на гасот ќе се намали од 19 на 7,0 отсто во истиот период.

Сепак, гасот наскоро ќе биде многу, многу поскап, пишува Дојче веле (DW) и оценува дека на Германците им претстои тешка зима.

Причината за тоа е јасна – Германците се многу зависни од испораките на гас од Русија, а Русија веќе ги намали испораките на минимум поради војната во Украина, се наведува во текстот.

Поскапувањето на енергенсите е голем товар за многу граѓани. Владата се согласува потрошувачите на гас да не бидат дополнително оптоварени со задолжителниот ДДВ за гасот“, рече канцеларот Шолц (СПД) во Берлин.

Данокот на додадена вредност за гасот затоа ќе се намали од 19 на седум проценти и ќе важи до март 2024 година, додека важи и доплатата за гас. Германската влада има опција да го намали сегашниот ДДВ на минималната стапка на ЕУ од 5,0 отсто, но не сакаше да оди толку далеку, додава ДВ.

Trading Hub Europe (THE) објави претходно оваа недела дека германските граѓани ќе мора да плаќаат данок од 2,419 центи за киловат-час гас од 1 октомври. Парите се наменети за компаниите кои поради губењето на испораките на гас од Русија мора да бараат алтернативи – а тоа е комплицирано и скапо.

Згора на тоа доаѓа и контролната доплата за енергија од 0,57 центи по киловат-час и доплата за складирање на гас од 0,059 центи по киловат-час, објави THE во четвртокот. Тоа значи дека доплатата за гас е вкупно 3,048 центи за киловат-час.

За просечно семејство со две деца и стан од околу 100 метри квадратни, тоа резултира со дополнителни трошоци од околу 575 евра годишно и тоа само за доплатата. Дополнителните трошоци за реална потрошувачка се уште не се утврдени, но може да се екстремно високи и ќе ги погоди луѓето напролет кога на гас ќе се пресмета реалната потрошувачка, наведува ДВ.

Шолц рече дека со намалување на ДДВ-то, потрошувачите на гас во целина ќе бидат ослободени во многу поголема мера отколку што се оптоварени со државната доплата за гас.

Некои компании најавија дека ќе се откажат од доплата за гас бидејќи и покрај се, прават профит, како концернот RWE и германската филијала на концернот Шел. Останатите 12 увозници на гас со задоволство ќе ја прифатат доплатата.

Според некои економисти, доплатата за гас ќе доведе до зголемување на стапката на инфлација. Институтот за макроекономија и истражување на деловниот циклус на синдикалната фондација „Ханс Беклер“ смета дека е можна стапка на инфлација од околу десет проценти во четвртиот квартал. Експертите на Комерцбанка очекуваат до крајот на годината инфлацијата да се искачи на над девет отсто.

Во секој случај, цените на гасот во Германија, без оглед на доплата и ДДВ, веројатно драстично ќе пораснат. Киловат-час гас чинеше околу шест центи минатата година. Цената сега е околу 13 центи, но регионално може да биде многу повисока. Енергетската компанија Vattenfall во Берлин, на пример, наплаќа околу 25 центи од новите клиенти.

Уште е лето, парното е исклучено. Но и во Германија ќе дојдат есен и зима, а со нив и трошоците во сосема нови димензии, заклучува ДВ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП