29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурција ја намали референтната каматна стапка и покрај инфлацијата од 80 отсто

Турција ја намали референтната каматна стапка и покрај инфлацијата од 80 отсто

Турската централна банка шокантно ја намали референтната каматна стапка за 100 базични поени, и покрај инфлацијата во земјата која е близу 80 отсто.

Основната каматна стапка, која изнесуваше 14 отсто во последните седум месеци, е намалена на 13 отсто, што е дијаметрално спротивно од она што го прават централните банки ширум светот за да ја скротат инфлацијата, пишува CNBC.

Аналитичарите не очекуваа промена на стапката, па одлуката на турската централна банка ги изненади пазарите.

Според податоците на Ројтерс, главниот индекс на истанбулската берза БИСТ падна за 0,8 отсто веднаш по објавувањето на одлуката во четвртокот, но потоа закрепна и заврши на позитивна територија со добивка од 0,2 отсто.

На намалувањето на основната стапка негативно реагираше и турската лира која потона за 0,9 отсто во однос на доларот. Се тргуваше на ниво нешто повисоко од 18,1 лира за долар. Лирата загуби 26 отсто од вредноста во однос на доларот од почетокот на оваа година, а во последните пет години падна за 80 отсто во однос на американската валута.

Турската централна банка во соопштението наведе дека очекува „да започне процесот на дезинфлација“ и дека има сигнали за „губење на замаецот на економската активност“.

Инфлацијата во Турција во јули е зголемена за 79,6 отсто во однос на претходната година, на највисоко ниво во последните 24 години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП