19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо договорот за гас со Азербејџан, ЕУ ја повторува грешката што ја...

Со договорот за гас со Азербејџан, ЕУ ја повторува грешката што ја направи со Русија

Како дел од мисијата на Европската унија (ЕУ) за одвикнување од рускиот природен гас, во средината на јули претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен и претседателот на Азербејџан Илхам Алиев потпишаа меморандум за двојно зголемување на извозот на гас од Азербејџан во блокот.

Според документот, до 2027-ма година, оваа касписка земја ќе ја снабдува Европа со најмалку 20 милијарди кубни метри природен гас годишно преку Јужниот гасен коридор (SGC), синџир на цевководи долг 3.000 километри што испорачува гас до ЕУ.

Сепак, овој договор е во спротивност со климатските цели на ЕУ и нејзините стандарди за човекови права, пишува за „Politico“, Глигор Радечич од „CEE Bankwatch Network“.

„Поддршката за проширувањето на екстракцијата на гас само ќе го збогати автократскиот режим во Азербејџан, познат по широко распространетата корупција и репресија врз целата опозиција во земјата“, додава Радечич.

Она што не се дискутира е дека критичната инфраструктура потребна за извлекување и транспорт на гас од Каспиското Море до Европа е во косопственост на рускиот гигант „Лукоил“, кој е тесно поврзан со режимот на рускиот претседател Владимир Путин.

„Лукоил“ е една од најголемите нафтени и гасни компании во светот и тврди дека е една од трите најголеми даночни обврзници во Русија, со над 200 милијарди долари платени даноци само во 2019-та година. Компанијата е на листата на санкции на САД.

Вагит Алекперов, поранешен извршен директор на „Лукоил“ и некогашен заменик министер за нафта и гас на Советскиот Сојуз, дури отворено изјави дека ги гледа целите на компанијата како тесно усогласени со оние на руската влада. Сепак, тој подоцна се повлече откако Велика Британија и Австралија воведоа санкции за група руски олигарси блиски до Путин.

„Лукоил“ работи во азербејџанскиот сектор за нафта и гас од 1994-та година. Во почетокот на 2000-та година, компанијата ги насочи своите напори во Азербејџан на развојот на полињата „Шах Дениз“, кои се меѓу најголемите во светот.

Само неколку дена пред руската инвазија на Украина, „Лукоил“ го заврши купувањето на акциите на малезиската „Petronas“ во „Шах Дениз“ во вредност од 1,45 милијарди долари. Така, компанијата го зголеми својот удел во проектот од 10 отсто на 19,99 отсто и стана вториот најголем акционер по „British Petroleum“ (ВР).

Освен „Шах Дениз“, кој ќе биде главното извозно поле во наредните децении, „Лукоил“ спроведува и други проекти во Азербејџан. Во 2021-ва година, компанијата купи 25 отсто од акциите во проектот „Absheron“ за плитка вода (SWAP) од „ВР“.

По 30-годишен спор во јануари истата година, кога Азербејџан и Туркменистан се договорија заеднички да го развијат полето Достлук, лоцирано на границата на нивните соодветни сектори на Каспиското Море, Алекперов разговараше за можностите за инвестирање на „Лукоил“ во истиот проект со Туркменистан, со претседателот Гурбангули Бердимухамедов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП