29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто Франција форсира нуклеарки?

Зошто Франција форсира нуклеарки?

Франција, како и другите европски земји, со недели врие на температури над 40 степени Целзиусови. Во многу региони има недостиг од вода за пиење, почвата е исушена, шумите горат. Топлотниот бран е голем проблем и за француските нуклеарни централи, пишува ДВ.

Околу една петтина од 56-те реактори всушност би морале да ги затворат или барем да ги намалат операциите на минимум – затоа што реките во кои ја испуштаат загреаната вода што се користи за ладење на реакторите се едноставно премногу топли. Но, тоа правило беше суспендирано од француската влада, барем до 11 септември.

На тоа очигледно била принудена, меѓу другото, и поради фактот што неколку месеци повеќе од половина француски нуклеарни централи не работат, поради планирани и непланирани работи за одржување. Во нормални околности, нуклеарните централи во Франција се одговорни за покривање на околу 70% од сопствените потреби за енергија. Ова е рекорд во светот. Ниту актуелните проблеми не треба да ја доведуваат во прашање националната енергетска стратегија. Иако предизвикува незадоволство кај многумина.

Голфех на југозападот на Франција е една од оние нуклеарни централи со посебна дозвола за работа. Еден од двата реактори во моментов е надвор од функција. Исто како и со другите единаесет француски реактори, во Голфех пред неколку месеци открија корозија и мали дупки во цевките кои се релевантни за безбедноста на реакторот.

Вториот реактор функционира и покрај жешкото лето. „Едноставно не разбирам како може да се одржува фабриката ако има катастрофални последици за екосистемот“, вели за ДВ Жан-Пјер Делфау, член на еколошката организација FNE86.

Нерамнотежа на екосистемот

„Поради жештината, во моментов низ реката Гарона тече многу помалку вода, помалку отколку во нормални околности. Голфех ја користи водата од реката за ладење, дел испарува, што значи дека помалку вода завршува во реката. Таа вода е шест степени потопла од порано. Така, реката дополнително се загрева, а тоа ги уништува микроалгите. Тие се храна за некои мали риби, а малите риби се храна за поголемите риби. Целиот синџир на исхрана е исфрлен од рамнотежа”, вели Делфау со лут глас.

Овој 79-годишник веќе 50 години е противник на атомската енергија. Учествуваше во протестите против тој проект уште пред почетокот на изградбата на Голфех. „И повеќе бактерии се развиваат во топла вода. А потоа треба да се користат повеќе хемикалии пред да можете да ја користите таа вода како вода од чешма. И потоа ги пиеме тие хемикалии“, додава тој.

Енергетскиот концерн ЕДФ, кој е одговорен за сите француски атомски реактори, го одби барањето на ДВ за интервју. Во електронската пошта испратена од портпаролката на компанијата се наведува дека се работи за „вонредна ситуација“, како и дека досегашните примероци на лице место не покажале штетно влијание врз флората и фауната во близина на реакторот. Сегашните компликации, се чини, нема да предизвикаат егзистенцијална криза во францускиот нуклеарен сектор. Владата има намера наскоро целосно да го национализира ЕДФ, односно планира да изгради нови реактори.

Нови нуклеарки, нови прашања

И тоа отвора нови прашања за Ана Крети. Таа е директорка на Катедрата за климатска економија на Универзитетот Дофин во Париз. „Неразбирливо е како сето ова треба да функционира технолошки, особено на толку краток рок“, вели таа за ДВ. „Владата се фокусира на таканаречените модуларни реактори, за кои досега има околу 40 технологии, од кои сите се уште се во пилот фаза. Можеби ќе бидат потребни уште пет до десет години додека да имаме модел кој е подготвен да да се пласира на пазарот“.

Франција планира да пушти во употреба дополнителни EPR-реактори од понова генерација, но има бројни проблеми и со нивната изградба. Единствениот француски реактор EPR се наоѓа на север, кој се гради во Фламанвил, а според ЕДФ досега чинел 13 милијарди евра.

Тоа е четири пати повеќе од планираното. Судејќи според изјавите на Националниот завод за ревизија, трошоците веќе се искачија на повеќе од 19 милијарди евра. Пуштањето во употреба е закажано за следната година, десет години по првичниот рок. Судејќи според извештаите, компликации има и со изградбата на EPR во Велика Британија, Кина и Финска.

И како и да е, француската влада резервираше 150 милијарди евра за нуклеарниот сектор, за одржување на постојните и за изградба на нови нуклеарни централи. „Нема слично инвестициско поместување во областа на обновливите извори на енергија. Иако Владата работи на закон со кој треба да се забрза реализацијата на проектите од областа на обновливите извори на енергија. И оваа технологија е подготвена за имплементација на пазарот, а трошоците значително се намалија во последните години“, додава Крети.

Франција е единствената европска земја која не ги постигна своите цели во однос на обновливите извори на енергија за 2020 година: беше планирано тие да сочинуваат 23% од енергетскиот микс, но во реалноста тие сочинуваат само 19% од вкупната произведена енергија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП