8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропа увезла 8 пати повеќе јаглен од Јужна Африка

Европа увезла 8 пати повеќе јаглен од Јужна Африка

Продажбата на јужноафрикански јаглен во Европа се зголеми за осум пати во првите шест месеци од 2022-ра година во споредба со истиот период од минатата година, при што побарувачката за ова гориво се зајакна уште пред забраната за рускиот јаглен, соопшти компанијата за ископ на јаглен „Thungela Resources“.

Во април, Европската унија објави забрана за увоз на јаглен од Русија како дел од санкциите по нејзината инвазија на Украина. Забраната стапи на сила на 10-ти август.

Пред забраната, европските земји, кои дотогаш увезуваа 45 отсто од својот јаглен од Русија и кои преминаа од скап природен гас на јаглен, почнаа да го снабдуваат ова гориво од други земји, вклучувајќи ја и Јужноафриканската Република (Јужна Африка).

„Thungela“, еден од главните извозници на јужноафрикански јаглен и член на конзорциум кој поседува еден од најголемите капацитети за извоз на јаглен во Африка – терминалот за јаглен „Richards Bay Coal Terminal  – RBCT“, изјави дека Европа е во конкуренција со Азија за јаглен во Јужна Африка.

Извозот на јаглен на „RBCT“ во Европа се зголеми за околу 720 отсто, од половина милион тони во првите шест месеци од 2021-ва година на 4,1 милиони тони во првите шест месеци од оваа година, рече Дион Смит, финансиски директор на „Thungela“, за време на конференцијата со инвеститорите. Во исто време, извозот во Азија е намален за 17 отсто во споредба со првите шест месеци од 2021-ва година, додаде тој, истакнувајќи дека јагленот има приоритет во карго транспортот за разлика од австралискиот и јужноамериканскиот јаглен.

Според податоците на „Reuters“, од јуни европските земји, особено Холандија, Германија, Полска, Данска, Франција, Италија и Украина, увезуваат зголемени количини јаглен од Јужна Африка.

„Thungela“ истакна дека силната побарувачка ја поттикна просечната цена до 240 долари за тон во шесте месеци до 30-ти јуни, во споредба со 75 долари за тон минатата година, при што нето добивката на компанијата порасна повеќе од 20 пати во споредба со претходната година.

Компанијата, која беше отфрлена од глобалниот рударски гигант „Anglo American Plc“ во јуни 2021-ва година, рече дека ќе подели 8,2 милијарди ранди (503 милиони долари) на акционерите откако ќе објави 60 ранди по акција. Оваа објава предизвика раст на нејзините акции за повеќе од 6 отсто.

Сепак, претседателот и извршниот директор на „Thungela“ истакна дека Јужна Африка не може целосно да има корист од големата побарувачка на јаглен поради ограничениот капацитет на државната железничка компанија „Transnet“ за транспорт на суровината до пристаништата. Железничката компанија страдаше од недостиг на локомотиви, лошо одржување и кражба на бакарни кабли. Поради овие транспортни проблеми, „Thungela“ ја ревидираше својата прогноза за производство за 2022-ра година на 13-13,6 милиони тони наместо претходно објавените 14-15 милиони тони. Компанијата размислува да користи камиони за транспорт на јаглен до пристаништата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП