24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБајден потпиша законски пакет за климата, здравството и даночната политика

Бајден потпиша законски пакет за климата, здравството и даночната политика

Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот потпиша законски пакет за инвестиции во климата и здравството, со цел да обезбеди важна политичка победа за демократите на помалку од три месеци пред клучните парламентарни избори.

Текстот, на досега најголемата инвестиција прифатена во САД во борбата против климатските промени, предвидува финансиски стимулации кои ќе и овозможат на американската економија да се сврти кон обновливите извори на енергија, но и ја ограничува цената на некои лекови и воведува минимална даночна стапка за големите компании.

„Земјата може да се промени. Токму тоа се случува денес“, го изрази своето задоволство Џо Бајден во Белата куќа, во говорот со изборни акценти што го одржа во пресрет на потпишувањето на реформата наречена „Закон за намалување на инфлацијата“.

„Се работи за иднината. Се работи за обезбедување на благосостојбата и напредокот на американските семејства“, рече тој. „Станува збор за покажување на Америка и на американскиот народ дека демократијата во САД сè уште функционира“.

Џо Бајден првично се залагаше за уште поголем инвестициски план, но самиот факт што ја прифати оваа реформа речиси значи политичка преродба за демократите пред среднорочните избори, кои вообичаено ги губат оние што се на власт.

Финансискиот плик, резултат на тешки преговори со десното крило на Демократската партија, содржи 370 милијарди долари за намалување на стакленички гасови за 40 отсто до 2030 година.

„Идните генерации ќе го паметат овој ден како денот кога трендот беше обратен, на штета на секторот за фосилни горива и во корист на поздрава, почиста и поправедна иднина за сите, низ целата земја“, коментираше претседателот на не- владина еколошка организација Сиера клуб, Рамон Круз.

Друг дел од тој сеопфатен инвестициски план има за цел делумно да ги исправи огромните нееднаквости во пристапот до здравствените услуги во САД, особено благодарение на намалувањето на цената на лековите.

Медикер, јавниот здравствен систем наменет, меѓу другото, за оние над 65 години, за прв пат ќе може директно да преговара со фармацевтските компании за цената на некои лекови и на тој начин да постигне поконкурентни цени.

За да се финансираат овие инвестиции, реформата предвидува воведување минимална даночна стапка од 15 отсто за сите компании со добивка над една милијарда долари. Овој нов данок треба да ги спречи големите компании да користат даночни олеснувања што им овозможија да плаќаат помал данок отколку што треба.

Се проценува дека оваа мерка треба да и донесе на федералната влада повеќе од 258 милијарди долари приход во следните десет години.

Ослабена од минатогодишното хаотично повлекување од Авганистан, постојаната епидемија на Ковид и највисоката инфлација во последните 40 години, администрацијата на Бајден имаше тешка година.

Покрај тоа, нејзините напори често беа попречени од фактот дека таа има многу слабо мнозинство во Претставничкиот дом и во Сенатот.

Во ноември, според анкетите, републиканците ќе освојат солидно мнозинство во Претставничкиот дом, а би можеле да победат и во Сенатот, така што Џо Бајден би можел да биде „фикус“ само до крајот на неговиот мандат во 2024 година.

Климатската и здравствената реформа, против која гласаа сите републиканци без исклучок, покажува дека „Американците излегоа како победници, а групите за притисок загубија“, рече американскиот претседател.

„Можеме да избереме дали да ги заштитиме моќните или да имаме сила да изградиме иднина каде што се нудат можности за сите. Тоа е Америка во која верувам“, рече Бајден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП