Како да се измери богатството на една земја? Макроекономските аналитичари го проучуваат бруто домашниот производ (БДП), кој се дефинира како пазарна вредност на сите финални производи и услуги произведени во една земја во текот на една календарска година, без оглед на тоа кој ги поседува ресурсите.
Поконкретно, тие го проучуваат БДП по глава на жител. Ако БДП по глава на жител е висок, тоа често укажува на богатството и просперитетот на граѓаните на одредена земја. Во нивните анализи тие користат и паритет на куповна моќ (ППП) – економски показател за споредување на животниот стандард меѓу различни земји.
Аналитичарите на магазинот Global Finance, анализирајќи го БДП по глава на жител, Луксембург годинава го ставија на врвот на листата на најбогати земји во светот. Тоа е мала европска земја со високообразовани граѓани и одлични примања и ниска стапка на невработеност.
Луксембург има само околу 630.000 жители, но неговиот БДП по жител е околу 140.000 долари, поради што е пред другите земји во Европа и светот. Следи Сингапур со 131.580 долари БДП по глава на жител и Ирска со околу 125.000 долари.
Во топ 10 се најдоа уште две европски земји – Швајцарија на 6-то место и Норвешка на 8-то место, додека останатите се Катар, Макао, Обединетите Арапски Емирати, САД и Брунеи.
И додека некои земји од оваа скала го должат своето богатство на изворите на природен гас и нафта, други се фалат со софистицирани финансиски сектори и даночни режими кои привлекуваат странски инвестиции, се вели во анализата на Global Finance.
10-те најбогати земји во светот според Global Finance по БДП по глава на жител:
1.Луксембург, 140.694 долари по глава на жител
2.Сингапур, 131.580 долари по глава на жител
3.Ирска, 124.596 долари по глава на жител
4.Катар, 112.789 долари по глава на жител
5.Макао, 85.611 долари по глава на жител
6.Швајцарија, 84.658 долари по глава на жител
7.Обединети Арапски Емирати, 78.255 долари по глава на жител
8.Норвешка, 77.808 долари по глава на жител
9.САД, 76.027 долари по глава на жител
10.Брунеи, 74.953 долари по глава на жител