Ризикот од рецесија во еврозоната го достигна највисокото ниво од ноември 2020-та година, бидејќи недостигот на енергија се заканува дополнително да ја забрза веќе рекордната висока инфлација, прогнозираат економистите анкетирани од „Bloomberg“.
Веројатноста дека бруто домашниот производ на еврозоната ќе се намалува два квартали по ред се зголеми на 60% од 45% во претходното истражување и од 20% пред руската инвазија на Украина.
Германија, најголемата европска економија и една од најзагрозените од намалувањата на испораките на руски природен гас, најверојатно ќе стагнира и во овој квартал.

Веројатноста за рецесија во еврозоната сега е над 50%. Графикон: „Bloomberg“.
Зголемените животни трошоци ги повредуваат компаниите и домаќинствата во еврозоната, а енергетските закани од Русија се очекува да го влошат проблемот во последните месеци од 2022-ра година.
Дополнително, проблемите во синџирите на снабдување се влошени со големите суши кои предизвикаа пад на нивото на реките низ Европа ова лето.
Инфлацијата веќе се очекува да биде во просек речиси 8% во 2022-ра година – околу четири пати повеќе од целта на Европската централна банка – и 4% за следната година. Сепак, анкетираните економисти сè уште прогнозираат забавување на инфлацијата до целта од 2% во 2024-та година.
Економистите очекуваат ЕЦБ да ги зголеми каматните стапки за половина поен во септември – како што тоа го направи во нејзината првична одлука да ги зголеми стапките во јули. Ова би ја поттикнало каматната стапка на депозитите до 1% до крајот на годината, а идниот март се очекува зголемување за квартал поен.