Бизнисмен во една голема бразилска корпорација доживеал мозочен удар кој за докторите имал досега невидена последица – тој се претворил во филантроп.
Имено, бразилскиот пациент не престанува да ги дели своите пари, што е спротивно на неговата претходна природа.
Бизнисменот (49) парите ги троши лежерно, тој купува сокови, слатки, храна и пијалоци и им ги дели на децата кои ги среќава на улиците, пишува британскиот „Independent“.
Бразилецот на докторите им кажал дека е свесен за своето однесување и промената на личноста и дека повеќе не сака да работи поради неговата неодамнешна „блиска средба со смртта“, и дека сака да ужива во животот за кој вели дека е премногу краток.
Ваквото дарежливо однесување, сепак, има своја друга страна, сопругата на овој Бразилец изјавила дека семејството сега се наоѓа во големи проблеми и дека речиси банкротирало.
Бизнисменот доживеал мозочен удар предизвикан од висок крвен притисок, кој предизвикал крварење во делот на мозокот под церебралниот кортекс, кој е поврзан со размислувањето и одлучувањето.
Психијатрите на Универзитетот во Рио де Жанеиро заклучија дека мозочниот удар кај овој пациент предизвикал пореметување на емоционалното однесување и расудување, чиј типичен синдром е депресијата, која тој ја има.