16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОПЕК+ во септември ќе ги зголеми испораките за 100.000 барели

ОПЕК+ во септември ќе ги зголеми испораките за 100.000 барели

Групата ОПЕК+, составена од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, одлучи денеска да го зголеми производството во септември за 100.000 барели дневно, многу помалку отколку во последните месеци.

Министрите на земјите од алијансата ОПЕК+ го поддржаа тој предлог на денешната онлајн средба, изјавија за Блумберг упатени извори, барајќи да не бидат именувани бидејќи официјалното соопштение се уште не е објавено.

Њујоршката агенција потсетува дека земјите кои ја сочинуваат оваа група претходно се обврзаа да ги зголемат испораките во јули и август за повеќе од 600.000 барели дневно.

Бидејќи само Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати можеа да го зголемат производството во последните месеци, само дел од ветеното зголемување на испораките стигна до светските пазари, се додава во текстот.

Меѓународната референтна нафта од типот „брент“, која претходно денеска беше во пад, го промени курсот за 1,3 отсто до 101,80 долари за барел на тргувањето во Лондон до 13:09 часот по локално време.

Нафтената алијанса, која вклучува 23 земји, пропорционално ќе го подели договореното зголемување на производството меѓу членките, велат соговорниците на Блумберг.

Тие додадоа дека на состанокот не се разговарало за тоа дали ОПЕК+ ќе продолжи да го зголемува транспортот по септември.

Пред состанокот, некои делегати приватно укажаа дека не сакаат да ги зголемат залихите во време кога побарувачката на нафта е ограничена од ризиците од рецесија на САД и мерките за заклучување во Кина поради Ковид.

Ројтерс објави дека аналитичарите сметаат дека скромното зголемување на испораките на групата ОПЕК+ за септември е навреда за американскиот претседател Џо Бајден, кој минатиот месец ја посети Саудиска Арабија за да ја убеди земјата, де факто лидерот на ОПЕК, значително да го зголеми транспортот за да им помогне на САД и глобалната економија.

Саудијците минатиот месец го зголемија производството на „црното злато“ на 10,78 милиони барели дневно, според истражувањето на Блумберг, ниво кое се пумпа само во ретки прилики и остава ограничен резервен капацитет.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП