Министерството за одбрана на Тајван денеска соопшти дека Кина ги прекршила правилата на Обединетите нации со спроведување на воени вежби.
Тие велат дека ја нападнале територијата на Тајван и дека кинеските сили го блокираат воздушниот простор и водите што му припаѓаат на Тајван.
Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека островот цврсто ќе ја брани својата безбедност, ќе се спротивстави на секој потег што го нарушува неговиот територијален суверенитет и дека војската ќе го подигне своето „ниво на будност“ на таков начин што нема да предизвика конфликти, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека „Кина продолжува да води психолошка војна против Тајван“, и дека граѓаните не треба да веруваат во гласини и се поканети да ги пријават сите лажни вести до владата.
Набргу по пристигнувањето на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси во Тајпеј, кинеската војска започна воздушни и поморски воени вежби во близина на Тајван и пробно лансирање на конвенционални ракети во морето источно од тој остров, наведува британската агенција.
Амбасадорот на Кина во Вашингтон, Чин Ганг, ја осуди, како што се наведува, непромислената, провокативна посета на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на кинескиот регион Тајван.
Во интервју за Си-Ен-Ен, Чин рече дека ова е сериозно кршење на принципот на една Кина и одредбите од трите заеднички коминике меѓу Кина и САД.
Тој посочи дека посетата на Пелоси ќе резултира со ескалација на тензиите во тајванскиот теснец и во односите меѓу САД и Кина, јавува Кинеското меѓународно радио.
Чин истакна дека прашањето на Тајван не е за демократија, туку за националниот суверенитет и територијален интегритет на Кина и додаде дека повторното обединување на Кина не може да се запре.
Кинескиот амбасадор истакна дека прашањето за Тајван се однесува на суштинските интереси на Кина.
„Кина има целосно право да го брани својот суверенитет и територијален интегритет. Имаме целосно право да го правиме она што треба да го направиме“, рече кинескиот амбасадор во САД.
„Ова е целосна фарса“
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји вети дека секој што ќе го навреди официјален Пекинг ќе биде казнет, а изјавата уследи по посетата на Пелоси на Тајван.
„Ова е целосна фарса. Соединетите Држави го нарушија суверенитетот на Кина во име на таканаречената демократија. Тие што ја навредуваат Кина ќе бидат казнети“, посочи тој.
Кинескиот министер додаде дека обединувањето на Кина и Тајван е „општ тренд и историски неизбежен редослед на настани“.
Закана: Тешки последици
Кинескиот амбасадор во Обединетото Кралство, Џенг Зегуанг, ги повика британските политичари „да не играат како што играат САД“ и вети „тешки последици“ доколку британските пратеници стапнат во Тајван.
Говорејќи на прес-конференција во Лондон во вторникот, кинескиот амбасадор ја потсети британската влада на заедничката изјава што двете земји ја потпишаа во 1972 година, кога почнаа да разменуваат амбасадори, пишува лондонскиот весник „Гардијан“.
Неговите коментари дојдоа откако претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, ја започна контроверзната посета на Тајван, остров кој Кина го смета за своја суверена територија.
Пелоси рече дека целта на нејзината посета е да покаже солидарност со Тајван, иако официјален Пекинг упати низа предупредувања и закани во врска со нејзината посета.
Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека Народноослободителната армија на Кина е ставена во „висока готовност“.
Пекинг, исто така, најави серија насочени воени операции, вклучително и ракетни тестови во водите источно од Тајван и четиридневни поморски маневри околу островот веднаш по заминувањето на Пелоси.
Кинескиот амбасадор во Велика Британија, Џенг Зегуанг, предупреди дека мешањето во внатрешните работи на Кина неизбежно ќе доведе до тешки последици за односите меѓу Кина и Велика Британија.
„Ја повикуваме британската страна да се придржува до заедничката изјава…да не ја потценува екстремната чувствителност на тајванското прашање и да не ги следи чекорите на САД. Како што реков, оние што си играат со оган може да изгорат“. – рече амбасадорот Женг Зегуанг.