2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТГутереш: Светот е на чекор од нуклеарно уништување

Гутереш: Светот е на чекор од нуклеарно уништување

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денеска предупреди дека „човештвото е само едно недоразбирање и една погрешна процена од нуклеарното уништување“.

Гутереш го изјави ова на отворањето на долго одложуваната конференција на високо ниво за ревидирање на историскиот 50-годишен договор за нуклеарно неширење (НПТ) со цел, конечно, да се постигне свет без нуклеарно оружје, пренесува АП.

Генералниот секретар на ОН особено ги наведе војната во Украина и заканата од нуклеарно оружје во конфликтите на Блискиот Исток и Азија како ризици, два региона „што се на работ на катастрофа“ и посочи дека средбата се одржува „на критичен момент за нашиот колективен мир и безбедност“ во време на нуклеарна опасност невидена од екот на Студената војна, пренесува „Танјуг“.

Според него, конференцијата е „можност да се усвојат мерки што ќе помогнат да се избегне катастрофа и да се постави човештвото на нов пат без нуклеарно оружје“.

Гутереш рече дека речиси 13.000 нуклеарни оружја се наоѓаат во арсенали во светот и дека земјите што бараат „лажна безбедност“ трошат стотици милијарди долари на „оружје на судниот ден“.

„Сето ова се случува во време кога растат ризиците од ширење, а механизмите за спречување на ескалацијата слабеат. „Кризи со нуклеарен призвук тлеат од Блискиот Исток и на Корејскиот Полуостров до Украина“, рече Гутереш.

Тој ги повика учесниците на конференцијата итно да го зајакнат и реафирмираат 77-годишниот договор против употребата на нуклеарно оружје, да работат неуморно на елиминирање на нуклеарното оружје со нови заложби за намалување на арсеналот и да ја промовираат мирољубивата употреба на нуклеарната технологија.

„Идните генерации сметаат на вашата посветеност да нѐ држите од работ на бездната. Ова е нашиот момент да се соочиме со овој фундаментален тест и еднаш засекогаш да ставиме крај на заканата од нуклеарно уништување“, им порача Гутереш на учесниците на конференцијата, пренесуваат светските агенции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП