24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШвајцарската централна банка објави рекордна загуба за половина година

Швајцарската централна банка објави рекордна загуба за половина година

Швајцарската народна банка објави загуба во првите шест месеци од 95,2 милијарди швајцарски франци (нешто повеќе од 100 милијарди долари).

Ова е најголемата загуба за шест месеци забележана од централната банка од нејзиното формирање во 1907-ма година, пренесува „Reuters“.

Резултатите на швајцарската централна банка беа погодени од падот на берзите, падот на обврзниците и поскапувањето на швајцарскиот франк, што сериозно ја намали вредноста на нејзините огромни девизни резерви.

Најсериозни се загубите акумулирани во вториот квартал, во кој швајцарската национална банка пријави загуба од 62,4 милијарди франци (65,6 милијарди долари). Тоа е, исто така, најлошото квартално остварување досега.

За половина година, финансиската институција оствари загуба од 97,4 милијарди франци (102,36 милијарди долари) на своите девизни позиции, додека во исто време оствари добивка од 2,4 милијарди франци (2,52 милијарди долари) на своите златни резерви.

Како резултат на колапсот на пазарите на капитал, банката пријави загуба од 44 милијарди франци (46,24 милијарди американски долари) од вреднувањето на акциите што ги поседува, додека зголемувањето на приносите на обврзниците значеше дека претрпе загуба од 48,7 милијарди франци (51,2 милијарди долари) од нејзините инвестиции во должнички инструменти.

Финансискиот резултат беше влошен и со загубата од 10,3 милијарди франци (10,8 милијарди долари) поради неповолните разлики во девизните курсеви.

Швајцарскиот франк се искачи над паритетот во однос на еврото во последните неколку недели, откако швајцарската централна банка ја напушти политиката на ограничување на апрецијацијата на валутата и ги зголеми каматните стапки за да се справи со зголемената инфлација.

Минатата година, претседателот на институцијата, Томас Џордан, рече дека целта на банката не е да остварува профит и дека загубите нема да влијаат на нејзините цели на монетарната политика за стабилност на цените – одржување на инфлацијата под 2%.

„Мандатот за монетарната политика на Швајцарската народна банка секогаш има приоритет и може да има моменти кога исполнувањето на тој мандат значи прифаќање загуби“, им рече тој на акционерите на банката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП