29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија очајно бара работници, еве кои занимања најмногу недостасуваат

Германија очајно бара работници, еве кои занимања најмногу недостасуваат

Без разлика дали се работи за индустрија, болници или занаети – недостигот на работна сила е се поголем проблем во Германија. Доаѓањето на работници од странство не функционира како што се замислува. Сега треба да се реформира Законот за имиграција, пишува Дојче веле.

Можеше да биде убава вечер. „Би имал маса за вас“, рекол телефонски сопственикот на ресторанот, „но за жал нема кој да ви подготви вечера“. Ова не е шега. Во цела Германија нема доволно готвачи, помошници готвачи и келнери. Но, работната сила не е проблем само во угостителството.

Возовите се откажани бидејќи нема доволно машиновозачи. На аеродромите се трупаат куфери затоа што нема кој да ги претовари. На безбедносните пунктови луѓето губат нерви бидејќи редиците се премногу долги и не стигнуваат до авионите. Градинките ги повлекуваат потврдите за прием бидејќи нема доволно учителки.

Загрозени се 148 занимања

Во истражувањето на Германската индустриска и трговска комора, која ги застапува интересите на неколку милиони компании од индустријата, трговијата и услугите, 56 отсто од компаниите се жалат на недостаток на работници и сметаат дека тоа е една од најголемите закани за нивниот бизнис.

Германската агенција за труд евидентира недостиг на работна сила во 148 занимања, а загрозени се уште 122 занимања. Во просек, потребни се осум месеци додека домот за стари лица не најде старател. Градежните фирми во просек чекаат половина година додека не најдат работници. Низ земјата беа објавени огласи за над 1,7 милиони огласи за вработување.

Не недостасуваат само експерти

„Пред пет до десет години се огласувавме само во огласи за да ги продаваме нашите услуги. Денеска плаќаме огласи во секакви медиуми за да најдеме работници“, се жали Маркус Винтер, директор на компанијата IDS во Баден-Виртемберг, која вработува секакви работници. Компанијата има околу 750 вработени и има потреба од персонал во повеќе од 20 професии, од бравари до молери, од возачи на виљушкар до возачи на комби за испорака на пијалоци.

Недостигот на работна сила не се појави одеднаш. „Сега сме во релативно драматична ситуација која долго време ја предвидувавме“, вели Херберт Брикер, професор на Институтот за истражување на пазарот на труд и професионални истражувања во Нирнберг. Според неговите набљудувања, демографските промени сега се јасно видливи.

Германија годишно губи околу 350.000 членови на работоспособната генерација. Во исто време, демографски силните генерации ќе се пензионираат само за неколку години. Експертите како Брикер пресметале дека до 2035 година на пазарот на трудот ќе има недостиг од седум милиони работници.

Некои доаѓаат, други одат

Тоа е огромна дупка. За да се пополни, неопходно е околу 400.000 имигранти да доаѓаат во Германија – и да останат таму – годишно. Ова се однесува на имигрантите од земји надвор од Европската унија.

Од 2012 година, експерти со академско образование можат да дојдат во Германија благодарение на таканаречената „сина карта на ЕУ“. Во 2020 година стапи на сила Законот за имиграција на професионална работна сила (ФЕГ), кој не ги опфаќа само академски образованите имигранти. Но, тоа не функционира како што се очекуваше.

Херберт Брикер зборува за „разочарувањето“ и потсетува дека во 2020 година во Германија дошле 30.000 работници од странство, но дека тогаш земјата ја напуштиле 20.000 работници.

Германската влада сега планира да го реформира законот за да се отвори пазарот на труд за работниците кои ја немаат потребната диплома или сертификат – треба да им се даде можност да ја добијат во компаниите што ги прифаќаат.

Германија порано инсистираше на „еднаква вредност“ на дипломите – но тоа сега е минато: во иднина, при вработувањето, компанијата ќе може слободно да процени дали некој им треба или не, а дипломата ќе биде секундарна грижа.

Работодавците под сомнеж

Но, работите ќе продолжат да се одвиваат со големи потешкотии во пракса. Ова добро го знае и адвокатката Бетина Офер, која ги советува компаниите кои сакаат да ангажираат работници од странство.

Дури и со договор за работа во џеб, сè уште е тешко да закажете термин за виза во германските амбасади, вели Офер, додавајќи дека се потребни месеци за да се потврди апликацијата.

„Властите постојано изразуваат сомнеж дека моите работодавци некако се обидуваат да прошверцуваат странски работници во Германија и не сакаат да разберат дека работодавците само бараат работна сила. Таа зборува за „длабоко вкоренет одбранбен став“ меѓу властите.

„Сè уште е неопходно да се бориме против таквиот став и ни треба промена на парадигмата. Секој работник што доаѓа кај нас е добивка за нашата земја“, посочува таа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП