25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИ покрај санкциите, приходот од извозот на нафта скокна за 580 проценти

И покрај санкциите, приходот од извозот на нафта скокна за 580 проценти

Приходите на Иран од извозот на нафта и кондензат скокнале за 580 отсто во првите четири месеци од иранската фискална година, односно во периодот од 21-ви март до 21-ви јули.

Ова е споредено со истиот период пред една година, објави иранскиот министер за економија Ехсан Кандузи.

„Благодарение на зголемувањето на извозот на нафта и на девизниот курс на нашиот нов буџет, забележавме зголемување од 580 отсто во државната каса од извозот на нафта и кондензат во првите четири месеци од оваа година“, рече Кандузи на прес-конференција, пренесе „Reuters“.

Британската агенција додава дека позитивниот извештај за приходите од нафтата се совпаѓа со најавата за иранската инфлација над 50 отсто, со тројно зголемување на цените на суровините, зголемување на трошоците за енергија и домување, како и протестите кои се шират во земјата поради економските проблеми.

Цените на нафтата се речиси двојно зголемени од пред една година поради војната во Украина и глобалното економско закрепнување по пандемијата.

Иранската влада вели дека нашла начини да ги врати средствата од претходниот извоз на енергија и го зголемила извозот на нафта и покрај санкциите што ги вратија САД во 2018-та година, откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја повлече Америка од договорот за иранската нуклеарна програма.

Преговорите за заживување на тој договор од 2015-та година и овозможување укинување на американските санкции се во мирување од март оваа година, главно поради инсистирањето на Техеран, Вашингтон да го отстрани Корпусот на Исламската револуционерна гарда од списокот на терористички организации, наведува „Reuters“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП