25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ и се закани на Унгарија: Рок од еден месец

ЕУ и се закани на Унгарија: Рок од еден месец

ЕК и даде рок на Унгарија еден месец да го реши проблемот со владеењето на правото пред да побара од земјите на ЕУ да ги суспендираат средствата што треба да ги добие Будимпешта.

Комисијата денеска објави дека го овластила комесарот за буџет Јоханес Хан да ја информира Будимпешта за мерките што извршната власт на ЕУ има намера да им ги предложи на земјите од ЕУ доколку мерките за санација на Унгарија не се соодветни, пренесува Ројтерс.

„Унгарија сега има рок од еден месец во кој може да ги достави своите приговори и сите дополнителни факти, особено за пропорционалноста на мерките што ги предвидува Комисијата“, се наведува во соопштението на ЕК.

Новиот рок е дел од процедурата на ЕУ наречена „механизам за условување“ дизајнирана да ги заштити финансиските интереси на блокот од потенцијални прекршувања на владеењето на правото од страна на земјите-членки. Тој механизам е одделен од другите процедури за владеење на правото што ЕУ ги започна против Унгарија.

Поради загриженоста за парите од буџетот на ЕУ, Комисијата во април воведе „механизам за условување“ против Унгарија, што на крајот може да доведе до суспензија на исплатата на Унгарија од 21 милијарда евра од касата на блокот.

Комисијата смета дека парите на ЕУ во Унгарија се загрозени поради, како што вели, корупцијата, која може да биде во форма на тендери за проекти финансирани од Брисел, во кои учествува само еден понудувач, обично поврзан со владејачката партија.

Извршната власт на ЕУ е загрижена и за независноста на судството, медиумите и невладините организации во Унгарија, додава британската агенција.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно ги отфрли жалбите на ЕУ и САД за корупција во земјата, но највисоките унгарски официјални претставници во последните недели изјавија дека Будимпешта е подготвена да соработува со Комисијата за да се реши проблемот.

Оваа недела Будимпешта понуди да го намали бројот на јавни тендери на кои учествува само еден понудувач на 15 отсто од вкупниот број. Таа, исто така, понуди да го направи законодавството во Унгарија потранспарентно и инклузивно и да им дозволи на судовите да им наредат на обвинителите да покренуваат случаи дури и ако обвинителите одлучат да не го прават тоа, пренесува Ројтерс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП