26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЦБ ги зголеми каматните стапки: Се воведува "транзиционен заштитен инструмент"

ЕЦБ ги зголеми каматните стапки: Се воведува “транзиционен заштитен инструмент”

Европската централна банка ги зголеми клучните каматни стапки за прв пат по 11 години, повеќе од првично очекуваното. Управниот совет одлучи да ги зголеми трите клучни каматни стапки на ЕЦБ за 50 базни поени – каматните стапки на главните операции за рефинансирање, на маргиналната кредитна линија и на линијата за депозит ќе се зголемат на 0,50 отсто, 0,75 отсто и нула отсто, и тоа од 27 јули.

Исто така, Советот одобри нова алатка – Транзиционен заштитен инструмент (TPI), кој ќе може да го користат сите земји членки на еврозоната.

„Притисокот на цените се шири во се повеќе сектори. Очекуваме дека инфлацијата ќе остане непожелно висока уште некое време“, рече претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, на конференцијата во Франкфурт.

Состојбата дополнително ја влошува слабеењето на еврото.

Управниот совет на ЕЦБ оцени дека е соодветно да се направи позначаен прв чекор на патот кон нормализирање на референтната каматна стапка отколку што беше наведено на претходната седница. Оваа одлука се заснова на ажурираната проценка на ризиците од инфлација од страна на Одборот на гувернери и зајакнатата поддршка обезбедена од инструментот TPI за ефективен пренос на монетарната политика. Тоа ќе го поддржи враќањето на инфлацијата на среднорочната цел преку обезбедување, меѓу другото, прилагодување на условите на побарувачката.

Како што соопшти Европската централна банка, на претстојните состаноци на Управниот совет ќе бидат преземени соодветни чекори за понатамошно нормализирање на каматните стапки.

Вчерашното приоритизирање на излезот од негативните камати му овозможува на Советот да почне да одлучува за каматните стапки од седница на седница, односно од месец во месец.

Што е новиот инструмент на Европската централна банка – TPI?

Новиот инструмент TPI треба да спречи драстични разлики во приносите на обврзниците на различни членки.

Управниот совет на ЕЦБ оцени дека воспоставувањето на TPI е неопходно за поддршка на ефективниот пренос на монетарната политика. Особено, додека Советот продолжува да ја нормализира монетарната политика, TPI ќе обезбеди непречено пренесување низ сите земји од еврозоната. Еднообразноста на монетарната политика на Управниот совет е предуслов за ЕЦБ да може да ги исполни своите обврски за стабилизација на цените.

TPI ќе биде додаток на алатките на Управниот совет и може да се активира за да се спротивстави на неоправданата, неуредна пазарна динамика што претставува сериозна закана за водењето на монетарната политика низ еврозоната. Обемот на купувањата на TPI зависи од сериозноста на ризиците со кои се соочува преносот на политиката.

Кој ќе може да го користи новиот инструмент?

Право на користење на инструментот TPI ќе имаат сите земји кои се во еврозоната. За да може државата да го активира TPI, треба да се исполнат четири критериуми и тоа – усогласеност со рамката на ЕУ, отсуство на прекумерна макроекономска нестабилност, фискална одржливост (дека патот на јавното задолжување е одржлив, што ќе го определат меѓународните финансиски институции и ЕЦБ) и разумна монетарна политика која е во согласност со фискалните препораки на ЕЦБ.

ЕЦБ во соопштението наведува дека, во зависност од исполнувањето на утврдените критериуми, Евросистемот ќе може да купува хартии од вредност на секундарниот пазар издадени во јурисдикции во кои се влошуваат условите за финансирање кои не се оправдани за одредена земја, со цел да се спротивстави на ризиците за преносниот механизам до степен до кој тоа е неопходно. Обемот на купувањата на TPI ќе зависи од сериозноста на ризиците со кои се соочува преносот на монетарната политика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП