Низ годините Народната банка беше столб за зачувување на финансиската стабилност, којашто е суштествена за економскиот раст. И во тековните услови на изразени макроекономски ризици, домашниот банкарски систем е стабилен и има капацитет за соодветна кредитна поддршка на економскиот раст. Со новата регулатива којашто би се донесла во следниот период, а се изработува во согласност со европската практика, се зацврстува рамката и водечката улога на Народната банка во носењето и спроведувањето на макропрудентната политика. Ова беше посочено на средбата помеѓу тимот на Народната банка, предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Јасмин Чакери, менаџер на Одделот за макроекономија, трговија и инвестиции за регионот на Европа и Централна Азија при Светската банка, Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за Северна Македонија и Косово и Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист.
Во контекст на досегашните остварувања, на средбата беше заклучено дека солвентноста на банкарскиот систем е на стабилно и солидно ниво, со стапка на адекватност на капиталот од 17%. Показателите за ликвидноста и натаму се на задоволително ниво и упатуваат на соодветно управување на банките со ликвидносниот ризик. Квалитетот на кредитното портфолио на банките и натаму е солиден, за што е потврда ниското ниво од 3,1% на учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор. Солидните остварувања на банкарскиот систем се секако резултат и на регулаторната рамка поставена од страна на Народната банка. Притоа, согласно со одлуката на Европската комисија, беше оценето дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на ЕУ.

