27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРусија предупредува: Ако Западот ја ограничи цената на нафтата, ова ќе биде...

Русија предупредува: Ако Западот ја ограничи цената на нафтата, ова ќе биде нашиот одговор

Русија ќе го запре глобалниот извоз на нафта доколку Западот ги ограничи цените и го направи непрофитабилно продолжувањето на производството, изјави вицепремиерот Александар Новак.

„Ако овие цени за кои зборуваат се пониски од трошоците за производство на нафта… се разбира, Русија нема да обезбеди снабдување со оваа нафта на светскиот пазар, што значи дека ние едноставно нема да работиме со негативен профит“, објасни тој.

Земјите од Г7 се согласија да стават плафон на цената на руската нафта на крајот на јуни, идеја за прв пат изнесена од Вашингтон како средство за ограничување на приходот на Русија од извозот на енергенси.

Според Блумберг, предлагачите на оваа мерка разговараат за можноста за ограничување на цената што се плаќа за рускиот извоз преку интервенции во осигурувањето и транспортот на нафтата од земјата. Се планира да се осигуруваат и транспортираат само оние суровини и нафтени деривати чија вредност не ја надминува границата на одредени цени.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида неодамна изјави дека плафонот на цената ќе биде поставен на околу половина од сегашната пазарна цена на руската нафта. Во јуни просечната цена на барел „урал“ беше околу 87,25 долари. Сепак, дискусиите за ова прашање се во тек, а плафонот на цената сè уште не е финализиран.

Русија верува дека ограничувањето на цената дополнително ќе ги зголеми глобалните цени на нафтата. Претседателот Владимир Путин неодамна изјави дека западните земји „газат на истото гребло“, како во случајот со напуштање на рускиот гас.

„Резултатот ќе биде ист – цените на нафтата вртоглаво ќе пораснат“, рече тој.

Заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев изјави дека цената на нафтата би можела да надмине 300-400 долари за барел доколку Западот го спроведе планот.
„На пазарот ќе има значително помалку нафта, а цената ќе биде многу повисока“, предупреди тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП