19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМукаетов за Bloomberg Adria: Ова е година на предизвици, но Алкалоид ќе...

Мукаетов за Bloomberg Adria: Ова е година на предизвици, но Алкалоид ќе расте

Во годината која носи многу предизвици, а во услови на воена криза која следеше веднаш по здравствената Алкалоид АД Скопје очекува да продолжи со компанискиот раст во сите сегменти. Таа е една од најуспешните македонски компании, а генералниот директор Живко Мукаетов во интервју за Bloomberg Adria вели дека имаат капацитет да ги исполнат проекциите и покрај новата реалност во која е глобалната економија. Алкалоид АД опстојува над 85 години, а моментно е присутна на 45 пазари во светот.

„Ова е година во која има доста предизвици. Она што беше здравствена криза сега е еден вид воена криза, има неколкукратно зголемување на цената на енергенсите, потоа предизвици од аспект на набавка на суровините и материјалите, раст на цената на транспортот, но и редефинирање на пласманот на некои пазари кои стануваат специфични. Но ние со нашите капацитети, тоа можеме да го надополниме и затоа очекувам раст и оваа година, вели Живко Мукаетов, Главен извршен директор на Алкалоид.

Од вкупните консолидирани продажби на компанијата во 2021 година, 35 отсто се остварени на домашниот пазар, додека 65 проценти на странските. Тоа што не им успева на многу македонски компании дефинитивно е успешна приказна за Алкалоид, а Мукаетов вели дека тоа е дел од комплетна стратегија.

„Секој пазар има своја специфичност, затоа да се освои еден пазар треба индивидуален пристап, потребни се добри локални кадри, портфолио кое ќе биде компетентно за пазарот, но и добар маркетинг пристап кој ќе овозможи да се позиционирате на тој пазар, вели Мукаетов за Bloomberg Adria.

Компанијата има 2.619 вработени од кои над 600 се во странство. Досега отворени се 20 канцеларии надвор од Скопје, но планирана е и понатамошна експанзија.

„Континуирано инвестираме во истражување и развој. Нас ни е важно да имаме едно модерно, портфолио од производи кои можат да бидат компетитивни секаде во светот, кои секако прво ги промовираме на домашниот пазар па излегуваме и на странскиот пазар. Секако планираме да се шириме и понатаму, затоа што сме свесни дека домашниот пазар е помал, што некој го доживува како хендикеп треба, во работењето треба да го надополниме со извоз и посветеност кон извозот, вели Мукаетов.

Нето добивката на компанијата лани забележа раст од 12 отсто во однос на претходната 2020 година и изнесува 21,2 милиони евра.

Мукаетов најавува наскоро дека ќе отворат Академија на која млади ќе градат вештини и ќе учат за работа во оваа специјализирана насока, а за да се надмине дефицитот на стручни кадри во Македонија.

Извор: Bloomberg Adria

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП