29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПадна „крофна мафијата“ во Грција: Ги терале странците да продаваат на плажите...

Падна „крофна мафијата“ во Грција: Ги терале странците да продаваат на плажите на Халкидики, а парите оделе кај криминалците

Грчката полиција успеала да ги уапси сите членови на криминалната организација позната како „крофна-мафија“, која дејствувала на плажите на Халкидики.

Уапсени се 12 лица на возраст од 17 до 52 години, заедно со водачот на групата, 39-годишен Грк, јавуваат грчките медиуми.

Тие се уапсени за кривични дела злосторничка организација, изнуда, трговија со луѓе, кршење на законите поврзани со спречување и сузбивање на перење пари и кршење на Законот за оружје, пренесува Voria.gr.

Оваа група ги принудувала странците да продаваат крофни во нивно име на 19 плажи на Халкидики. Тие со закани по живот, телесни казни, а лани застрелале и еден продавач, успеале да растераат и други продавачи на брза храна по плажите, но уценувале и изнудувале барови на плажа и ресторани за брза храна.

Целта била да се окупираат најпопуларните плажи на Халкидики, што ќе им донесе најголем профит.

Конкретно, утврдено е дека во најмалку седум случаи членовите на криминалната група употребувале закана по животот и телесен интегритет, нанесување телесни повреди и употребиле огнено оружје против други продавачи на брза храна, сопственици на крајбрежни продавници и вработени во приватни фирми за обезбедување.

Забележано е дека во еден од горенаведените случаи, од страна на полициски службеници на Одделот за безбедност Полигирос е уапсен 39-годишен маж за случај на обид за убиство што се случил со помош на негови соучесници, на подрачјето на Халкидики, во јули 2021 година.

Според грчките медиуми, крофните се купуваат од производителот за 50 центи, 50 центи добива и продавачот, а едно или две евра оди за мафијата. Просечно дневно се продаваат околу 600 крофни, така што дневната заработка на организаторите на продажбата е меѓу 600 и 1.200 евра (во зависност од тоа дали една крофна чини две или три евра).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП