25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШпанија воведува данок на екстра профит на банките и енергетските компании

Шпанија воведува данок на екстра профит на банките и енергетските компании

Шпанија ќе „удри“ по електроиндустријата и банките со привремен данок на екстра добивка од која очекува да инкасира 7,0 милијарди евра во периодот 2023-2024 година.

Целта е да им се помогне на граѓаните да се справат со зголемената инфлација, соопшти вчера Владата, а оваа одлука предизвика распродажба на акциите на некои банки.

Акциите на Sabadell Bank паднаа за цели 12 отсто, додека Bankinter и Kaisbanka паднаа за околу 10 отсто по соопштението на владата, влечејќи го надолу шпанскиот индекс IBEX 35 на најликвидни акции, пренесува Reuters.

Премиерот Педро Санчез во парламентот, во своето обраќање за состојбата на нацијата, рече дека годишниот приход во 2023 и 2024 година од данокот на екстра добивка на електроенергетските компании остварен оваа и следната година треба да достигне по 2,0 милијарди евра, додека приливот од тој данок за финансиските институции требало да изнесува 1,5 милијарди евра годишно.

Санчез нагласи дека владата ќе го воведе овој данок „на големите банки бидејќи тие веќе почнаа да имаат корист од (очекуваното) зголемување на каматните стапки“.

Аналитичарите, сепак, велат дека банките се под зголемен притисок поради стравувањата од рецесија и можноста какво било зголемување на каматите да не биде толку големо како што се очекуваше.

„Влијанието врз шпанските банки беше моментално бидејќи оваа мерка не беше очекувана и дојде како ладен туш“, рече Нурија Алварез, аналитичар во брокерската куќа „Рента 4“.

Таксата ќе изврши дополнителен притисок врз способноста на заемодавците да генерираат профит во време кога веројатно ќе се зголемат и нивните резерви за потенцијални загуби, рече таа, додавајќи дека банките чие работење главно е фокусирано на домашниот пазар се повеќе погодени од оние со диверзифицирани операции, како што се BBVA или Santander, чии акции паднаа за околу 5,0 проценти.

Акциите на електричните комунални компании Ибердрола и Натурги паднаа меѓу 0,4 и 0,7 отсто.

Санчез, исто така, рече дека инфлацијата, предизвикана главно од руската инвазија на Украина, е најголемиот предизвик за Шпанија и „сериозна болест на нашата економија која ги осиромашува сите, особено најранливите групи“.

Шпанскиот премиер најави доделување на 100 евра месечно во форма на дополнителни стипендии за студенти над 16 години кои веќе добиваат стипендија, како и бесплатни билети за повеќекратно патување со воз на приградски и меѓуградски линии од септември до крајот на декември.

Тој даде зелено светло и за мастер план за развој на недвижности кој предвидува изградба на 12.000 станбени единици во Мадрид.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП