24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДеспотовски: Нови 1000 работни места во ТИРЗ само за 6 месеци и...

Деспотовски: Нови 1000 работни места во ТИРЗ само за 6 месеци и постигнати договори за инвестиции од 240 милиони евра

Над 15000 вработени во Зоните, постигнати договори за инвестиции од над 240 милиони евра како и договорена најголемата инвестиција досега од основањето на ТИРЗ од 126 милиони евра на германски Гересхајмер се клучните достигнувања и ефекти од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од 2022 година.

„За првпат во јуни ја поминавме границата од 15.000 вработени во зоните, што е за 1000 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се веќе првите ефекти од инвестициите кои ги постигнавме минатата година, а со кои се предвидува отворање на над 2700 работни места во следниве години. Успеавме да ја постигнеме и најголемата инвестиција во Зоните досега. Германската фармацевтска компанија Гересхајмер ќе вложи 126 млиони евра. Ова е само прва таква голема инвестиција. Веќе разговараме со двајца нови инвеститори чии поединечни вложувања се над 100 милиони евра. Со ова С.Македонија влегува на мапата на земји кои имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции од кои има директен бенефит за граѓаните и државата,“ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ при презентација на резултатите од првите шест месеци и идните планови на Дирекцијата.

Деспотовски посочи дека само во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции со 5 компании во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра. Деспотовски најави и дека во тек се преговори со американско-тајванска компанија за инвестиција од над 250 милиони евра, која ги разгледува Западен Балкан и Кина како опција за инвестирање, а С.Македонија во регионот е во конкуренција со Хрватска и Србија.

Анализата на ТИРЗ покажува дека само постигнатите договори во првиот семестар, треба да донесат речиси 3000 нови работни места, да остварат вкупен приход од над 2,2 милијарди долари, а во буџетот да се слеат над 130 милиони евра на основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка.

Инаку, според анализата во зоните е регистрирано и рекордно полугодие во изминатите четири години и во однос извозот и на увозот. Така вкупниот обем на извозот во првите шест месеци достигна 1 милијарда и 717 милиони евра што е за 11,5% раст во однос на 2021 година, над 87% во однос на 2020 и 25,5% односно 49% повеќе споредено со истиот период од 2019, односно 2018 година. Рекордна економска активност има и кај увозот во зоните. Во првиот семестар од 2022 вкупното ниво на увоз достигна 1 милијарда 601 милиони евра што споредено со истиот период во 2021 година е за 4,3% повеќе, додека во однос на 2020 има раст од над 97%, а во однос на 2019 и 2018 година има раст на увозот од 23,6%, односно 63%. Анализата покажува и стабилен нето извоз од е 7,2% во првите шест месеци.

Помеѓу новините кои дирекцијата ги воведе во овие шест месеци е меѓународна ИСО стандардизација за борба против корупцијата и квалитетот во работата, развој на нова Методологија за државна поддршка за поттикнување на инвестиции која се изготвува со бизнис заедницата и PWC, #Smartinvest.mk нова програма за поттикнување на инвестиции во соработка со Економист, како и отворање на можности за млади и пракса во ТИРЗ.

Деспотовски најави дека во следниот период ќе се реализираат повеќе иницијативи, меѓу кои пилотирање на активности во рамки на Стратешкиот зелен инвестициски фонд. Во тек е втората фаза од изградбата на првата зелена/здравствена зона на Балканот, со вредност на инвестиција од над 400 милиони евра, пристап до обновливи извори на енергија во ТИРЗ со вредност на инвестиција над 120 милиони евра и изградба на прва високотехнолошка развојна зона – Скопје 3 со потенцијал за инвестиции од над 850 милиони евра и до 5000 високо платени работни места.

Дирекцијата работи и на развој на нов концепт #Добра работа чија цел е поттикнување на раст на добро платени работни места во компаниите во ТИРЗ како и поттикнување на поголема мобилност на трудот во националната економија, креирање на единствен и реален пазар на труд и целосно отворање на пазарот на труд кај компаниите во ТИРЗ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП