Во тек е 138-от ден од специјалната воена операција што Русија ја спроведува во Украина.
Северен тек од денеска нема да работи поради ремонт, а Германија стравува дека Русија целосно ќе ја прекине испораката на гас.
Ситуацијата е особено тензична во Доњецк, каде вчера по гранатирањето се урна зграда при што загинаа најмалку 15 лица.
Во меѓувреме се водат жестоки борби за Северск, интензивно се гранатираат позиции на украинската армија во Славјанск, Краматорск, Бахмут.
Киев повторно најавува контраофанзива во областа Запорожје и Керсон.
САД: Санкциите за руската нафта ја продлабочуваат светската криза
Американските функционери развиваат план за намалување на глобалните цени на нафтата кој никогаш досега не бил испробан, за да се спречи продлабочување на економската криза и недостиг на храна, пишува Њујорк Тајмс.
Тој план, како што се наведува, би бил во согласност со европските санкции и би овозможил одржување на испораките на руската сурова нафта на светските пазари по значително намалена цена.
Весникот наведува дека Белата куќа стравува дека новата серија европски санкции, чија цел е глобален прекин на протокот на руска нафта до крајот на годината, може да доведе до бројни скокови на цените на енергетските производи, што дополнително ќе ги загрози веќе исцрпените потрошувачи и ги туркаат САД и другите економии во светот во сериозна криза и откажување.
Киев подготвува контранапад на Керсон
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук ги повика цивилите во областа Херсон, јужна Украина, под контрола на Русија, веднаш да се евакуираат додека украинските вооружени сили подготвуваат контранапад.
„Јасно е дека ќе има борби и гранатирање. Затоа ги повикуваме луѓето веднаш да се евакуираат“, објави Верешчук на националната телевизија во неделата и нагласи дека не може точно да каже кога ќе се случи украинската контраофанзива.
Таа предупреди дека постојат сигурни сознанија дека жените и децата не треба да бидат во Керсон за да не се користат „како жив штит“, пренесува Ројтерс.
Властите во Керсон, назначени од Русија, велат дека сакаат референдум за отцепување, но допрва треба да одредат датум, додека Кремљ вели дека иднината на регионот треба да ја решаваат неговите жители.
Милионска армија ќе нападне?
Украина има намера да собере милионска армија со цел да ја врати контролата врз југот на земјата – над регионите Керсон и Запорожје, објави министерот за одбрана Алексеј Резников.
Вицепремиерката на Украина Ирина Верашчук побара од граѓаните на тие области да ја напуштат оваа територија бидејќи се очекува украинска контраофанзива.